вторник, ноември 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Администраторите најдоа решение за пензионерите во Алта банка Битола, но неизвесна исплатата...

Администраторите најдоа решение за пензионерите во Алта банка Битола, но неизвесна исплатата на платите во јавниот сектор

59

Администраторите на Народната банка во Алта банка Битола најдоа начин пензионерите кои пензиите ги примаат преку оваа банка да можат да си ги подигнат своите примања, но засега нема информации како ќе се одвива исплатата на платите за дел од вработените во јавниот сектор кои имаат трансакциски сметки во Алта банка. Поради проблемите поврзани со банката, постои можност нивните плати да доцнат.

Неофицијални информации говорат дека на вработените кои досега ги примале платите преку Алта банка им било сугерирано дека ќе треба да отворат нови трансакциски сметки во друга банка и навреме да ги достават податоците до институциите во кои работат. Оваа промена е неопходна за да може исплатата на платите да продолжи непречено. Сепак, процесот не зависи само од вработените, туку и од институциите кои треба навреме да ги ажурираат податоците во системите за пресметка и исплата на личните примања.

Доколку новите сметки не бидат отворени и евидентирани навреме, постои реална можност дел од вработените во јавниот сектор да не ја добијат платата во вообичаениот термин.

Она што засега останува нејасно е дали надлежните институции веќе презеле конкретни чекори за решавање на овој проблем, дали ќе има организирана постапка за забрзано отворање нови сметки и како ќе се постапува со вработените кои нема да успеат навреме да ги променат банкарските податоци.

Засега нема официјални информации за точниот број на засегнати вработени, ниту официјална потврда дека исплатата на платите ќе доцни.

 

ИЗДВОЕНИ