Нема милионски одливи на средства од „Алта банка“ Битола кон Србија, ниту податоци кои упатуваат на перење пари, тврди гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Според проверките на централната банка, вкупните трансакции од битолската банка кон Србија по 26 октомври изнесуваат околу 180.000 евра, додека приливите од Србија во истиот период достигнале само 16.000 евра. Славески појасни дека станува збор за редовни деловни плаќања на клиентите, меѓу кои и компании и мали бизниси кои вршат увоз на стоки од соседната држава.
– Ги проверивме трансакциите и станува збор за плаќања поврзани со редовното работење на клиентите на Банката. Нема милионски трансфери, нема такви одливи, ниту податоци за перење пари – изјави гувернерот.
Тој нагласи дека анализата се однесува на периодот по 26 октомври, а проверките биле насочени кон трансакциите во двата правца, односно плаќањата од Македонија кон Србија и приливите од Србија во земјава. Изјавата доаѓа во период кога работењето на „Алта банка“ Битола е под посебен надзор, по одлуката на Народната банка за воведување тримесечна администрација, поврзана со случувањата околу нејзиниот мнозински сопственик во Србија.
Од Народната банка посочуваат дека продолжуваат внимателно да ја следат состојбата и да ги преземаат сите активности во рамките на законските надлежности, со приоритет заштитата на средствата на клиентите и стабилноста на банкарскиот систем.












