Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека Брисел ја води Европа кон деценија конфликт, „претставувајќи ја Украина како штит што го брани континентот“.
Орбан напиша на платформата „X“ дека Унгарија би претпочитала да тргне поинаков пат и дека наместо ескалација, повикува на прекин на огнот, мир и безбедност што треба да се постигнат преку преговори.
„Не гасите оган со долевање масло врз него“, рече Орбан.
Орбан ќе отпатува за Франција во недела, каде што ќе присуствува на состанок на групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент, кој ќе се одржи во Фонтенбло во близина на Париз, објави денес прес-службата на унгарскиот премиер.
Орбан ќе се обрати на митингот „Патриоти за Европа“ во Монтаржис во понеделник, на покана на лидерите на француската партија Национален собир, Марин Ле Пен и Жордан Бардел, пренесува „Танјуг“.