
Унгарија и Соединетите Американски Држави (САД) се блиску до договор за економска соработка што ќе и помогне на унгарската економија, првенствено во ограничувањето или поништувањето на ефектите од царините што САД потенцијално би можеле да ги наметнат врз Европската унија, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Тој рече дека таков договор може да биде корисен во случај на тарифна војна меѓу САД и ЕУ, особено што во таков случај Унгарија ќе биде сериозно погодена од царините, пренесува Ројтерс.
Говорејќи на годишната конференција посветена на економската ситуација во Унгарија, тој истакна дека на Будимпешта и е потребна економска неутралност и не смее да учествува во „изолација“.
„Без разлика од која страна дува ветрот, во интерес на унгарската економија е да има најдобри можни односи со сите и не треба да се воведуваат идеолошки размислувања во ова. „Не смееме да дојдеме во ситуација во која успеа да влезе Европската унија“, рече Орбан.
Тој оцени дека ЕУ станала изолирана бидејќи е во тарифна војна со САД и Кина, а исто така се одвоила од Русија преку сопствени санкции.
„Тоа не важи за Унгарија, бидејќи имаме најдобри можни односи со Русија, Кина и САД“, рече Орбан.