четврток, ноември 19, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Општина Куманово избира превозници

Општина Куманово избира превозници

1

Општина Куманово објави оглас за избор на превозници и за одобрување линии и возни редови за општинскиот линиски превоз на патници за периодот од 2027 до 2031 година. Огласот опфаќа 18 линии на подрачјето на Општината, како и два пакети со по две линии.

Пријавите, како што наведуваат од Oпштината, треба да се достават најдоцна до 3 декември годинава, до 12:00 часот.

Со огласот се предвидува организирање превоз од повеќе населени места до Куманово, меѓу кои: Проевце, Горно и Долно Коњаре, Доброшане, Карпош, Режановце, Лопате, Черкези, Биљановце, Умин Дол, Ново Село, Љубодраг, Речица, Орашац, Скачковце, Новосељане, Косматец, Мургаш, Кучкарево, Габреш, Пезово, Кшање, Кокошиње, Табановце, Сопот, Четирце, Пчиња, Вакв, Студена Бара и Костурник. Дел од линиите се групирани во два пакети. Првиот ги опфаќа линиите Романовце – Куманово и Бајрам Шабани – Бедиње, а вториот релациите Бедиње – Тромеѓа и Куманово – Шупли Камен.

Заинтересираните превозници треба да имаат важечка лиценца за општински линиски превоз, соодветен број автобуси и комбиња со законски утврден еколошки стандард и возила пристапни за лицата со посебни потреби. Во условите се бараат и соодветен бројот вработени возачи, паркинг-простор и техничката исправност на возилата. Изборот ќе се врши според два критериуми: еколошкиот стандард на возилата и бројот на поаѓања. Во огласот се наведува дека превозниците треба да понудат возни редови со кои ќе бидат опфатени сите автобуски стојалишта предвидени со општинската одлука. За линиите Доброшане – Зелен Рид – Индустриска, Ливаде Карпош – Железничка станица и Бедиње – Тромеѓа, се бараат најмалку 15 поаѓања.

Заинтересираните треба да ги поднесат пријавите до Комисијата за спроведување на постапката за избор на превозници, во архивата на Општина Куманово.

Надлежните претходно донесоа нова одлука за уредување на општинскиот линиски превоз на патници, која ќе почне да се применува од 1 јануари 2027 година и ќе важи пет години.

– Се спојуваат одредени линии. Од тие причини, се намалува бројот на линии, но Општината целосно ќе биде покриена со превоз – изјави претходно раководителката на Секторот за комунални дејности во Општина Куманово, Лидија Ланг- Спасовска.

 

ИЗДВОЕНИ