Вкупно 142 километри истражени водотеци, 20 мапирани бариери и пет идентификувани приоритети се резултатите од истражувањето на бариерите во сливот на реката Радика, кои ги презентираше Иницијативата за граѓански интеграции (ИГИ), на консултативна средба во Гостивар.
На средбата, организирана од ИГИ, учествуваа претставници на надлежните институции и на релевантните организации, кои ги разгледаа резултатите од истражувањето и разговараа за приоритетите и за следните чекори за враќање на природната поврзаност на водотеците во Националниот парк „Маврово“.
Како приоритет е издвоена нефункционалната бариера на Длабока Река. Изработените анализи и извештаи треба да послужат како основа за планирање конкретни активности за надминување на идентификуваните пречки и з аподобрување на природниот тек на реките.
Како продолжение на иницијативата, предвидена е следна консултативна средба во Националниот парк „Маврово“, на која ќе се продлабочи дискусијата за утврдените приоритети и за можностите за нивно решавање.
Активностите се реализираат во рамките на проектот „Идентификување и приоритизирање на бариери во сливот на реката Радика во Македонија“, финансиски поддржан од Европската програма за слободни реки.












