Општина Карпош денеска почна со спроведување акција со која ќе се субвенционираат 80 % од цената на купување и инсталирање нов филтер за оџак или во максимален финансиски износ најмногу до 10 .000 денари.
Право на субвенционирање во рамките на оваа акција ќе има секое индивидуално домаќинство во Општина Карпош што користи цврсто или течно гориво за затоплување и што ќе купи и инсталира нов филтер за оџак, почнувајќи од 13.10.2026 (вторник).
Потребни се следниве документи за субвенционирање филтри за оџаци: барање за субвенција за купување и инсталирање нов филтер за оџак; имотен лист издаден од Катастарот на недвижности; лична карта; трансакциска сметка (фотокопија); сертификат за квалитет на филтерот, издаден од производителот (фотокопија); изјава за согласност дека ќе го користи и одржува купениот и инсталиран филтер за оџак најмалку пет години (заверен на нотар); фискална сметка или фактура за купен и инсталиран филтер за оџак, кој е купен не порано од 13.10.2026 (вторник).
– Општина Карпош го задржува правото да изврши мерење на емисиите на инсталираниот филтер во грејна сезона, со цел утврдување на ефикасноста и ефектот од инсталираниот филтер. Мерењето би се извршило на доброволна основа, односно не е задолжително – соопштија од локалната самоуправа.












