Македонската економија во 2024 година пораснала за 3,8 %, а бруто-домашниот производ достигнал 16,8 милијарди евра, покажуваат дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика. Номиналниот раст на БДП изнесувал 8,1 %, додека БДП по жител достигнал 9.192 евра.

Најголем удел во економијата имаат трговијата, транспортот, складирањето, сместувањето и угостителството, со 19,8 % од БДП. Меѓу дејностите, најизразен номинален раст од 16,1 % забележал секторот информациски и комуникациски технологии (ИКТ), чија додадена вредност достигнала 51,9 милијарди денари.

Податоците откриваат и неповолни движења кај надворешната трговија. Вкупниот извоз на стоки и услуги се намалил за 1,3 %, на 649,4 милијарди денари. Извозот на стоки паднал за 6,5 %, на 435,1 милијарда денари, додека извозот на услуги пораснал за 11,1 % достигнувајќи 214,3 милијарди денари. Увозот изнесувал 754,3 милијарди денари, со што трговскиот дефицит се продлабочил на речиси 105 милијарди денари.

Бруто-инвестициите пораснале за 15,6 % на 302,4 милијарди денари, но инвестициите во основни средства се зголемиле за скромни 1,2 %. Вложувањата во машини и опрема пораснале за 11,3 %, а во станови за 15,4 %. Истовремено, инвестициите во градежни работи се намалиле за 6,8 %.

Финалната потрошувачка на домаќинствата номинално пораснала за 4,7 %, додека јавната потрошувачка бележи раст од 11,2 %. Податоците укажуваат на економски раст поткрепен со домашната потрошувачка и одделни сектори, но и на слабости во извозот на стоки.

 

ИЗДВОЕНИ