Општина Берово објави јавен повик за надоместување на дел од трошоците за набавка на енергетски ефикасни грејни тела – инвертер клима-уреди и топлински пумпи, во рамките на Програмата за енергетска ефикасност за 2026 година.
Согласно со повикот, Општината ќе субвенционира до 50 проценти од вредноста на набавениот уред, но не повеќе од 15.000 денари по одобрено барање. Финансиската поддршка ќе се доделува по принципот „прв дојден, прв услужен“, сѐ до исцрпување на средствата предвидени во буџетот за оваа намена.
Право на аплицирање имаат жителите на Општина Берово што немаат добиено финансиска поддршка за таа намена од друг извор во државата, претходно користеле печка на јаглен, дрва, нафта или мазут и набавиле енергетски ефикасен уред што ги исполнува пропишаните критериуми, односно има најмалку енергетска класа А++ или SCOP- фактор од најмалку 4.0.
– Еден од условите е новиот уред да биде купен во периодот на траење на јавниот повик и да биде инсталиран на адресата на живеење на барателот. Исто така, станбениот објект не смее да биде во фаза на градба, а од едно домаќинство може да се поднесе само едно барање – информираат од Општина Берово.
Во рамките на повикот се предвидени и приоритетни категории при распределбата на дел од средствата. Предност ќе имаат старите лица и пензионерите што живеат сами, семејствата со член – лице со попреченост, примателите на социјална помош, лицата во социјален ризик, самохраните родители, како и повеќечлените семејства со пет или со повеќе членови, односно три или повеќе деца.
Јавниот повик ќе трае 60 дена од денот на неговото објавување.












