Со вчерашната изведба, овој регионален музички проект што ги обедини филхармониите од Скопје, Софија и од Солун беше заокружен на најдобар можен начин, оставајќи силен впечаток кај публиката и потврдувајќи дека уметноста останува универзален јазик што сите го разбираат. Потврда за тоа е што уште пред почетокот на концертот просторот во паркот беше исполнет со посетители од сите генерации – семејства со деца, љубители на класичната музика не само од државата туку и од соседството. Настанот не беше само врвно музичко доживување туку и силна порака за културната соработка и за поврзаноста меѓу народите од регионот
Уметноста уште еднаш ја потврди својата моќ да обединува. Македонската метропола завчеравечер беше вистински културен центар на Европа. Со спектакуларната изведба на грандиозната музичко-сценска кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, во Градскиот парк беше заокружен регионалниот музички проект што ги обедини филхармониите од Скопје, Софија и од Солун. На сцената настапија и хорот на Македонската опера и балет, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од музичкото училиште од Солун. Диригент и иницијатор на овој величествен проект, кој прво се реализираше во Софија, потоа во Солун, а завчеравечер и пред македонската публика, под ѕвезденото небо во Скопје, беше маестро Најден Тодоров од Бугарија. Под неговата диригентска палка сѐ звучеше беспрекорно.

Раскошниот оркестарски звук, моќните хорски делници, како и впечатливите солистички настапи на извонредните оперски пејачи, нашата сопранистка Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и баритонот Иво Јорданов од Бугарија, придонесоа целиот овој настан да добие на својата впечатливост и уметничка тежина.

– Под скопското небо, во топлата летна вечер, „Кармина Бурана“ заживеа во сиот свој сјај и стана бугарско-грчки-македонски триумф на уметноста. Со првите моќни акорди, просторот се исполни со енергија што пленеше и облагородуваше. Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар на Солун создадоа звучен раскош што допираше длабоко во сетилата на илјадниците присутни не само таму, во паркот, туку и пред екраните. Повеќе од двесте уметници, обединети во божествена музичка фамилија, ни приредија вечер за паметење. Додека се креваа последните тонови од ѕвездите на сцената кон оние на небото, останаа восхитот, гордоста и чувството дека бевме дел од нешто навистина ретко и благородно – посочи македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, по завршувањето на концертот.
Таа додаде дека „Кармина Бурана“ е потврда дека уметноста останува еден од најцврстите меѓучовечки мостови, возвишувајќи го духот над секојдневието и претворајќи ја убавината, макар за миг, во вечност.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, пак, истакна дека ваквите културни настани се силна потврда за значењето на уметноста во општеството и за потенцијалот на регионалната и на меѓународната културна соработка.
Со завчерашната изведба, овој регионален музички проект беше заокружен на најдобар можен начин, оставајќи силен впечаток кај публиката и потврдувајќи дека уметноста останува универзален јазик што сите го разбираат. Потврда за тоа е што уште пред почетокот на концертот просторот во паркот беше исполнет со посетители од сите генерации – семејства со деца, љубители на класичната музика не само од државата туку и од соседството.

Монументалната кантата на Орф, завчеравечер, со сета своја грандиозност успеа да ја воодушеви присутната публика, која го следеше настанот од почеток до крај со големо внимание и воодушевување, наградувајќи ги уметниците со бурни аплаузи. Со долг аплауз и со стоечки овации беше поздравена и завршницата на концертот, изведбата на добропознатата „О фортуна“, еден од најпрепознатливите хорски фрагменти во светската музичка литература.
Настанот не беше само врвно музичко доживување туку и силна порака за културната соработка и за поврзаноста меѓу народите од регионот. Обединети на сцената, уметниците од трите земји испратија силна порака дека културата не познава граници и е најдобриот амбасадор на секоја држава.
Градскиот парк се покажа како совршена сцена за едно вакво величествено музичко доживување и дека ваквите настани имаат посебно место во културниот живот на градот. (Д. Т.)












