Опозициската СДСМ бара локален референдум за најавеното повторно отворање на рудник за антимон во близина на кривопаланечкото село Луке, нагласувајќи дека проектот треба да се реализира само доколку се исполнат низа клучни услови. Во спротивно, од партијата сметаат дека е подобро рудникот воопшто да не се отвора. Во партиското соопштение се истакнува дека станува збор за сериозно прашање кое директно ги засега здравјето на граѓаните, управувањето со природните ресурси и иднината на локалните заедници. Од СДСМ посочуваат дека е неопходна широка јавна дебата, како и директно изјаснување на граѓаните преку референдум.
– Не сме против инвестиции, но не може тие да бидат водени исклучиво од профит бизнис, со висок ризик по здравјето на луѓето. Не може да се зборува само за економска корист, а да се премолчува цената на загадена вода, заболени граѓани и уништено земјоделие. Тоа не се бројки во извештаи, тоа се последици кои траат со генерации – наведуваат од партијата.
Како дополнителен аргумент, од СДСМ го посочуваат нерешениот проблем со еколошкото жариште Лојане, кое со децении останува отворено прашање. Според нив, додека државата не покаже капацитет да се справи со постојните проблеми, нема кредибилитет да отвора нови рудници.
Од партијата бараат јавни расправи со реално влијание, целосна транспарентност на договорите и студиите за влијание врз животната средина, како и јасни информации за компаниите вклучени во проектот.
– Доколку овие услови не се исполнат, тогаш подобро е да нема рудник – децидни се од СДСМ.
На овие барања реагираше премиерот Христијан Мицкоски, кој изјави дека правото на референдум е уставно загарантирано, но потенцираше дека постојат јасни процедури за негово распишување. Тој рече дека е изненаден од ставовите на СДСМ, посочувајќи дека градоначалникот на Крива Паланка, кој доаѓа од редовите на партијата, има поинаков став.
– Често комуницирав со градоначалникот, вклучително и денеска, и можев да се уверам дека неговиот став е сосема спротивен од мислењето на раководството на СДСМ – рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека проектот е дел од стратешка соработка со САД и дека е делумно финансиран од американски средства. Според него, рудникот ќе мора да ги исполни сите законски и уставни обврски, вклучително и строгите стандарди за заштита на животната средина.
– Лично гарантирам дека и Владата и инвеститорите ќе ги почитуваат сите прописи. Не верувам дека некој мисли дека може да инвестира во ваков проект без да ги исполни тие услови – изјави Мицкоски и дополни дека проектот има стратешко значење за државата и за локалната економија, особено имајќи предвид дека станува збор за традиционално рударски регион.
Минатата недела во Вашингтон беше ставен потпис на договор за финансиска поддршка во износ од 5 милиони долари, наменети за истражување на критични минерали во Македонија од страна на австралиската компанија „Пела Глобал Лимитед“. Оваа компанија добила концесија со рок до 2015 година за испитување на ретки минерали злато, сребро, олово, цинк и бакар, но не ја вклучува и локацијата кај Луке. Антимонова руда се експлоатирала од рудникот „Крстов Дол“ кој не е во функција повеќе од 50 години, а претходната експлоатација довела и до загадување на површинските води. Во случај рудникот повторно да се отвори, градоначалникот на општина Крива Палнака рече дека ќе се превземат сите мерки за ризиците по животната средина да бидат минимални.
(С.Бл.)












