Земјите членки на ОПЕК+ денеска ги зголемија своите квоти за производство за декември. По онлајн состанокот, осумте земји членки објавија дека ќе го зголемат производството во декември за 137.000 барели дневно во споредба со ноември.
Групата објави дека нема да го зголеми производството во првиот квартал од 2026 година поради стравот од прекумерна понуда и од пад на цените.
Аналитичарите велат дека со овој потег, организацијата купува време за да види како ќе влијаат санкциите врз руската нафта.
– ОПЕК+ се воздржа, но тоа беше пресметано. Санкциите против руските производители донесоа нов слој неизвесност во прогнозите за снабдување, а ОПЕК+ знае дека прекумерното производство сега може да се врати во игра подоцна. Со паузирање, ОПЕК+ ги штити цените, проектира единство и купува време за да види како ќе влијаат санкциите на руската нафта – изјави Хорхе Леон од „Ристад“.
На исто мислење е и Амрита Сен од „Енерџи аспектс“.
– Од јануари до март е најслабиот квартал од годината за рамнотежа помеѓу понудата и побарувачката на нафта, а со паузирање, ОПЕК+ покажува дека проактивно управува со пазарот – вели Сен.
Џовани Стауново од банката УБС рече дека цените на нафтата, веројатно, нема значително да се променат денеска, бидејќи се очекуваше умерено да се зголеми производството во декември.
Цените на нафтата паднаа на петмесечно ниско ниво од околу 60 долари за барел, на 20 октомври, поради загриженоста дека се зголемуваат прекумерните резерви, но оттогаш се зголемија на околу 65 долари за барел, поради санкциите против Русија и оптимизмот во врска со разговорите на САД со трговските партнери.
ОПЕК+ го намалуваше производството неколку години до април, а намалувањето достигна врв во март, вкупно 5,85 милиони барели дневно.
Намалувањето се состоеше од три елементи: доброволно намалување од 2,2 милиона барели дневно, 1,65 милиони барели дневно за осумте членки и дополнителни 2 милиона барели дневно за целата група.
Групата го намалува доброволното намалување, додека последниот елемент од намалувањето на ниво на целата група ќе остане на сила до крајот на 2026 година. Осумте членки на ОПЕК+ ќе се состанат повторно на 30 ноември, дента кога ќе се одржи и целосниот состанок на ОПЕК+.












