Каматните стапки и во септември биле во трендот од претходните месеци: раст кај влоговите, пад кај кредитите. Просечната каматна стапка на вкупните депозити се зголемила на годишно ниво за 0,19 процентни поени и достигнува 2,20 насто. Кај кредитирањето годишното намалување е за 0,56 процентни поени и просечната стапка изнесува 4,85 насто.
Месечните промени се минус 0,05 процентни поени кај стапката за вкупните кредити, а плус 0,01 процентен поен за депозитите.
Има намалување и кај каматите што се пресметуваат на новоодобрените кредити – месечно за 0,01 и годишно за 0,51 п.п., па оттаму и стапката од 4,47 насто.
Просекот кај новопримените депозити е 2,23 насто. Оваа стапка е проследена со месечен раст од 0,17 п.п., а на годишна основа е пониска за 0,37 п.п.
Кредитите на населението во деветтиот месец од годинава имале стапка од 5,24 насто. Месечната промена е негативна за 0,03 п.п., а од Народната банка посочуваат дека тоа е резултат од намалувањето на стапките на денарските кредити без и со валутна клаузула и на каматите на девизните кредити. Годишниот пад е 0,42 процентни поени.
Пониска за месечни 0,07 п.п. е и стапката на новоодобрените кредити, при што изнесува 4,61 насто. Таа промена била стимулирана од падот на стапките кај сите видови кредити, и денарски и девизни.
Што се однесува до заштедите на граѓаните, во септември каматната стапка не претрпела никакви измени и, исто како и во август, била 2,14 насто. Годишниот раст е 0,17 п.п.
Каматата за новите депозити, пак, бележи месечно зголемување од 0,27 п.п. и изнесува 2,45 насто.
– Растот во целост е резултат на зголемените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула, во услови на пад на каматните стапки на депозитите во странска валута – наведуваат од Народната банка.
Споредено со ланскиот септември, каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата опаднала за 0,34 процентни поени.
Кај задолжувањата на корпоративниот сектор, состојбата е следна: просечната стапка на вкупните кредити е 4,46 насто, намалена на месечно ниво за 0,06 п.п., а на годишно за 0,69 п.п.
Во текот на септември, раст од 0,03 п.п. бил регистриран кај стапката што ги опфаќа новоодобрените кредити, со што таа доаѓа до 4,36 насто. Годишно е во опаѓање – за 0,42 п.п.
Просечната стапка на вкупните депозити на компаниите се зголемила за месечни 0,07 п.п. и изнесува 2,60 насто. Оваа каматна стапка е повисока за 0,26 п.п. на годишно ниво.
Септемвриската стапка на новопримените депозити во септември била 1,73 насто. Бележи месечно намалување од 0,13 п.п. и годишно за 0,41 процентен поен.












