Обвинителството ги следи актуелните случувања поврзани со Алта банка, но за формирање обвинителски став се неопходни конкретни факти и докази, смета новоизбраната раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има обвинителски став за овие случаи и дали треба да се испитуваат одредени наводи, Хаџи Василева нагласи дека не би било соодветно да се изнесува став без конкретен материјал.
– За да имате обвинителски став, мора да располагате со конкретен материјал и факти, без оглед на тоа што се зборува во јавноста, што кружи во медиумскиот простор или што произлегува од новинарски написи – изјави Хаџи Василева.
Таа додаде дека доколку постојат посериозни индиции или основи за сомневање, тоа е веќе друга ситуација.
– Новинарските истражувања за нас се значајни и можат да помогнат. Доколку дојде момент за понатамошно постапување, секако дека овие теми внимателно се следат и нè обврзуваат да реагираме, вклучително и по допрен глас – рече таа.
Според неа, евентуалното преземање активности ќе зависи од сознанијата и доказите со кои ќе располага обвинителството.
На прашање дали, имајќи ги предвид истрагата во Србија и информациите поврзани со сопственикот на Алта банка, ќе побара соработка со српското обвинителство за организиран криминал, таа посочи дека меѓународната соработка е редовен дел од работата на обвинителството.
– Тоа е, се разбира, дел од начинот на работа и нешто на што нè обврзува законот. Доколку се отвори какво било прашање во рамките на кривичен прогон или испитување на одредена состојба, секако дека соработуваме со колегите од други држави – рече Хаџи Василева.












