Управата за јавни приходи ја објави најновата Листа на должници бр. 11/2026, на која се најдоа 5.200 компании и физички лица со вкупен неплатен долг за даноци и придонеси од 13,784 милијарди денари, односно околу 224 милиони евра.

Најголемиот должник е скопската компанија „Хант Осој трејд“, со обврски од околу 14,87 милиони евра, исклучиво по основ на ДДВ. Компанијата има само едно вработено лице. Втора е „Окитна трејд“, додека меѓу најголемите должници се и „Лисав Компани“ со долг од 449 милиони денари. Високи даночни обврски има и струмичката „Дианита“, која должи 394 милиони денари, односно над шест милиони евра. Нејзиното име претходно се поврзуваше со истрагата за мрежа компании осомничени за незаконски поврат на ДДВ. На листата се и „Пине Груп“, „Грофлер“, „Гимаши Компани“ и компании поврзани со еден македонски бизнисмен.

Според УЈП, од претходната листа се повторуваат 5.002 должници. Кај 3.207 долгот е зголемен за 177 милиони денари, додека 210 должници ги намалиле обврските за 137 милиони денари. Нови се 198 должници со вкупен долг од 130 милиони денари, додека 138 претходни должници со обврски од 156 милиони денари веќе не се на листата.

Податоците се однесуваат на долгови доспеани до 31 јули, а неплатени до 31 октомври 2026 година.

ИЗДВОЕНИ