петок, јули 3, 2026
Дома СВЕТ Одговори и предлози во недоглед: Каков одговор му испрати Иран на Вашингтон

Одговори и предлози во недоглед: Каков одговор му испрати Иран на Вашингтон

232
Фото: EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Иран му испрати на Вашингтон одговор на најновиот американски предлог за прекин на војната преку Пакистан.

Сепак, Техеран не даде детали за тој одговор.

„Преку пакистанскиот медијатор, добивме голем број точки и корективни забелешки од нивна страна. Затоа, од денот откако нашите ставови беа испратени до американската страна, преку Пакистан, се соочивме со голем број предлози од спротивната страна, кои беа разгледани во текот на изминатите неколку дена, а како што беше објавено вчера, нашите ставови беа меѓусебно проследени до американската страна“, изјави Исмаил Багеи, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи.

Иранската новинска агенција „Тасним“ објави дека САД понудиле привремено укинување на санкциите врз иранската нафта со цел да се постигне мировен договор и повторно отворање на Ормускиот теснец.

Понудата сè уште не е официјално потврдена и нема да стапи на сила сè додека двете земји не постигнат конечен договор, изјави извор близок до преговорите.

Претходните барања на Иран, според медиумските извештаи, вклучуваа воени репарации, крај на војната во Либан и блокада на иранските пристаништа од страна на САД, гаранции дека нема да има повеќе напади врз Иран, како и признавање на иранскиот суверенитет над Ормутскиот теснец, што САД го отфрлија.

Во оваа заплеткана приказна од одговори и предлози, американскиот претседател вели дека на Иран му истекува времето.

Трамп утре треба да разговара со шефовите на националната безбедност за евентуално продолжување на нападите врз Иран. Израел продолжи со нападите врз Либан, а локалните власти велат дека речиси 3.000 луѓе се убиени од почетокот на конфликтот на 2 март.

Израелските сили повторно спречија хуманитарна флотила да стигне до Газа.

Тие пресретнаа неколку бродови во меѓународни води, на повеќе од 400 километри од брегот на Газа.

ИЗДВОЕНИ