За само четири месеци во земјава се регистрирани 27 сообраќајни незгоди со електрични тротинети, а меѓу повредените има и деца под 14 години. На Детска хирургија сè почесто пристигнуваат малолетници со скршеници и со повреди на главата и на внатрешните органи. Додека кај нас законските правила ретко се почитуваат, соседна Србија воведе построги мерки – задолжителни шлемови, елек, забрана за слушалки, идентификациски налепници и симнување од тротинетот на пешачки премин
Електричните тротинети станаа секојдневие на скопските улици и во другите градови низ земјата. Брзи, практични и достапни за многу деца, особено за време на летниот распуст, станаа омилено превозно средство. Но, зад нивната популарност стои загрижувачка статистика – повредени деца, хируршки интервенции и несреќи кои за дел од семејствата можеле да завршат фатално. Дополнително нивната бесшумност и брзо возење преставуваат опасност и за пешаците.
„Да се забранат како во некои европски земји, сè додека се продаваат, ќе ги купуваат. Какви и мерки да се воведат, кај нас не се почитуваат правилата“, вели пешак од Скопје. „Има деца кои ноќе возат тротинети со светлосна батерија во устата, очигледно е потребно сообраќајно образование во училиштата“, вели повозрасен возач.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во периодот од јануари до април годинава, на територијата на државата се регистрирани 27 сообраќајни незгоди во кои учествувале возачи на електрични тротинети, од кои дури 11 на подрачјето на СВР Скопје. Во овие незгоди, за среќа, нема загинати лица, но 12 возачи се здобиле со телесни повреди, а едно лице било тешко повредено. Особено загрижува фактот што меѓу настраданите има и деца – три лица биле на возраст до 14 години, а десет над 14 години. Истовремено, МВР во првите четири месеци од годинава евидентирала 23 прекршоци поврзани со управување електрични тротинети, што го отвора прашањето дали контролите успеваат да го следат брзиот пораст на нивната употреба.
Она што статистиката не го покажува се повредите, чии лузни многу деца ќе ги носат цел живот. На Клиниката за детска хирургија секојдневно пристигнуваат повредени од паѓање од тротинет. Директорот на клиниката, д-р Лазе Јовчевски, вели дека кај нив завршуваат деца со повреди кои не се разликуваат од оние добиени во сериозни сообраќајни несреќи.
– Има деца кои доаѓаат и со полесни, но и со многу сериозни повреди. Најкритични се повредите на внатрешните органи – панкреас, црева и мочен меур. Последно имавме дете со тешка повреда на мочниот меур, кое мораше да биде оперирано. За среќа, лекувањето заврши успешно и сега е на домашно лекување – вели Јовчевски. Најчести се скршениците на рацете и на нозете, но не се ретки ниту повредите на главата.
– Децата со контузии на главата ги препраќаме на Неврохирургија. Најголем дел од повредените се на возраст од 13 и 14 години, но имаме и помали деца, од седум или осум години. Кога ќе пристигнат во болница, често се збунети од падот, исплашени и не можат ни да објаснат што точно се случило – објаснува директорот.
Токму тоа е најголемиот парадокс. Родителите често стравуваат од мотор или автомобил, но тротинетот го доживуваат како играчка. Лекарите, пак, секојдневно гледаат дека паѓање при брзина од дваесетина километри на час, може да предизвика повреди опасни по живот.
Законот постои, но дали се почитува?
Македонското законодавство веќе ги регулира електричните тротинети. Со нив не смее да управува лице помладо од 14 години, забрането е превезување други лица, а движењето е дозволено по велосипедски патеки, а каде што ги нема – по површини наменети за пешаци. Максималната дозволена брзина е 25 километри на час на велосипедска патека и 6 километри на час на тротоар. Законот предвидува и санкции за прекршителите.
Сепак, реалноста на теренот е поинаква. На скопските булевари и тротоари секојдневно може да се видат деца помлади од законски дозволената возраст, лица без заштитни шлемови, двајца патници на еден тротинет и возење со брзина која е далеку над дозволената. Експерти за безбедност во сообраќајот неодамна предупредија дека огромен дел од возачите на тротинети не ги почитуваат пропишаните правила, а особено загрижува присуството на деца од 10 до 12 години зад управувачот.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави радикални решенија за електричните тротинети – ќе има старосна граница за управување, а можеби и регистрација.
„Овде мислам дека треба да одиме со порадикално решение во дел на забрани, старосна граница за управување и можеби регистрација. Тротинетите се огромен проблем од аспект на безбедност во сообраќајот и се надевам на конкретни решенија во најбрзо време. Мене ако ме прашувате, јас би ги укинал електричните тротинети, но да оставиме сообраќајните експерти да дадат предлози, а решението ќе го испратиме до Собранието, изјави министерот.
Додека Македонија се потпира главно на постојните законски одредби, Србија во меѓувреме воведе дополнителни мерки за зголемување на безбедноста. Таму возачите на електрични тротинети мора да поседуваат идентификациска налепница, задолжително носат заштитен шлем, не смеат да користат слушалки во ушите, не смеат да превезуваат други лица, а при преминување на пешачки премин мора да се симнат и да го туркаат тротинетот. Дополнително, при движење по коловоз се задолжени да носат флуоресцентен елек, особено во услови на намалена видливост. Мерките се воведени поради зголемениот број несреќи и повреди, особено кај младите. Грција размислува да забрани е-тротинет по 18 години, а ова особено по смртта на 13 годишно момче.
Секој тротинет е побрз од детскиот рефлекс, а секој заштитен шлем е поевтина од една операција. И секое „само до маало“ може да заврши на хируршка маса. Бројките на МВР покажуваат десетици несреќи за само четири месеци. Лекарите зборуваат за скршеници, потреси на мозокот и оштетени внатрешни органи. Затоа, прашањето веќе не е дали тротинетите треба да се регулираат, туку дали сите ние доволно сериозно ги сфаќаме ризиците што ги носат. На крајот на краиштата, казната не е најтешката последица туку чекањето на родителот дали неговото дете ќе биде добро. (П. А.)












