вторник, јуни 16, 2026
Дома СВЕТ Од трофејни сопруги, преку кралици на убавината, до сурови босови – жените...

Од трофејни сопруги, преку кралици на убавината, до сурови босови – жените си го пробиваат патот во латиноамериканската наркоимперија

131

Една од најимпресивните жени водачи на картел во Латинска Америка беше колумбиската „кралица на кокаинот“, Гризелда Бланко, за која велат дека била понасилна од машките колеги. Наркобосот Ел Менча се искачил на лидерската позиција во картелот Халиско со дипломатска стратегија преку брак, а неговата сопруга, Розалинда, ја сметале за мозокот на финансиските операции. Антонела Маршант, која го водела озлогласениот чилеански клан „Лос Маршант“ заедно со својот татко, ја побива идејата дека синот е тој што секогаш го презема семејниот бизнис

 

 

Во светот на латиноамериканските наркокартели, понекогаш, жените се оние на кои треба да се внимава. Токму со женска помош, мексиканската војска зароби еден од најбараните трговци со дрога во светот, Немесио Осегер Сервантес, познат како Ел Менча.

Во наркоподземјето, иако обоено со силната култура на мачизмот, жените го пробиваат својот пат до сите нивоа на хиерархијата: од „трофејни сопруги“ до оперативци за шверцување и криминални мозоци.

– Ако сте сопруга на висок водач на картел, веројатно сте запознаени со нивната логистика, операции и стратегии. Значи, кога вашиот сопруг ќе биде фатен или убиен, веројатно ќе преземете голем дел од работата, вели Хенри Зимер, експерт за организиран криминал во Центарот за стратешки и меѓународни студии.

Една од најимпресивните жени водачи на картел во Латинска Америка беше колумбиската „кралица на кокаинот“, Гризелда Бланко, која е во фокусот на серијата на „Нетфликс“, „Гризелда“. Таа имаше дури три сопрузи и сите беа партнери во нејзините криминални потфати за време на нејзиниот подем кон озлогласеност во нарковојните во Мајами во 1970-тите и 80-тите годни. На врвот на својата моќ, Бланко, позната и како „Кумата“, беше одговорна за транспорт на пратки од неколку тони кокаин од Колумбија до Мајами, според властите, пишува Си-ен-ен. Според истражителите на округот Мајами – Дејд, и наводно била подеднакво насилна, ако не и повеќе, од нејзините машки колеги. Позната по тоа што водела мрежа од вооружени лица познати како „пистолерос“, таа била склона кон пукање од возила во движење, при што во едно такво пукање настрадало мало дете. Вешта во перење пари и надгледување на операциите за дистрибуција, таа водела империја за недвижности и фабрика што произведувала долна облека со скриени џебови дизајнирани за шверц на дрога, а регрутирала и други жени, кои често ги вработувала како шверцерки. Во 1975 година била обвинета за заговор за производство, шверц и дистрибуција на кокаин во САД, но била уапсена дури во 1985 година. Агентот на ДЕА, Боб Паломбо, кој ја уапсил, рекол дека кога неговиот тим упаднал кај неа, таа била в кревет и ја читала Библијата. Бланко била осудена за федерална трговија со дрога и за нарачување три убиства, меѓу кои и на дете. Кога излегла од затвор во 2004 година, била депортирана во Колумбија, каде што водела мирен живот, пред да биде убиена додека излегувала од месарница.

Иако не била сопруга на водач на картел како Бланко, Антонела Маршант, која го водела озлогласениот чилеански клан „Лос Маршант“ заедно со својот татко, ја побива идејата дека синот е тој што секогаш го презема семејниот бизнис.

– Реалноста е дека организираниот криминал станува сè повеќе родово избалансиран, рече Клер Вајт од Музејот на мафијата.

Сопругата на „Ел Менча“ е уште еден пример што го потврдува ова. Розалинда Гонзалес Валенсија, позната како „Ла Хефа“ или „Шефот“, е она што историчарката Елејн Кери го нарекува „сина крв на трговијата со дрога“. Нејзините браќа воделе семејни картели, кои според ДЕА служеле како финансиска и логистичка гранка на картелот „Халиско“ на Ел Менча и ја надгледувале неговата „широка мрежа на операции за перење пари“.

– Ел Менчо се искачи на лидерската позиција во картелот Халиско со дипломатска стратегија преку брак, рече мексиканскиот експерт за јавна безбедност Дејвид Сауседо.

Мексиканските власти долго време се сомневаа дека Розалинда е еден од финансиските организатори на групата и неколкупати ја апсеа опишувајќи го тоа како „значаен удар врз финансиската структура на организираниот криминал во државата Халиско“. Малку се верува дека таа била во романтична врска со својот сопруг.

Сепак, не сите „наркосопруги“ влегуваат во картелските работи. Во Мексико, зборот „букона“ се користи како сленг за романтичните партнери на водачите на картелите. Како типичен пример за „букона“ се наведува поранешната кралица на убавината од Калифорнија, Ема Коронел Аиспуро, сопруга на мексиканскиот наркобос „Ел Чапо“, кој од 2019 година отслужува доживотна казна затвор. Таа тврди дека не знаела ништо за наркобизнисот, кога на 17 години се омажила за 32 години постариот Ел Чапо. Додека била во брак со него, прошетала по пистата на Неделата на модата во Милано, се појавила во музичко видео и работела како модел за познати трговски куќи. Таа важи и за еден вид инфлуенсер со преку 500.000 следбеници на „Инстаграм“. Исто така водела бизнис за фитнес, преку кој продавала план за исхрана и водич за вежбање за жени. Сепак, во 2021 година, била уапсена во Вирџинија и осудена за перење пари и трговија со дрога, поврзани со наркоимперијата на нејзиниот сопруг.

 

ИЗДВОЕНИ