Вицегувернерката Ана Митреска учествуваше на Тринаесеттата биенална конференција на Комитетот на Ирвинг Фишер за статистика на централните банки (IFC), којашто се одржа во Базел, во организација на Банката за меѓународни порамнувања (БИС). Годинашното издание на Конференцијата беше под наслов „Пополнување на информациските празнини во централното банкарство: ефикасно искористување на податоците и иновативните алатки“.

Во рамките на настанот, Митреска ја водеше сесијата под наслов „Нови и експериментални податоци“, во која беа презентирани истражувања за употребата на иновативните податоци за оцена на климатските ризици, како и на алатките на вештачката интелигенција за утврдување на недостатоците во статистиките за климатските промени и одржливоста.

На Конференцијата учествуваше и претставничката на Народната банка Даница Уневска Андонова, која го презентира трудот под насловен „Прогнозирање на македонскиот БДП со економски показател изведен преку „Чет џи-пи-ти“: докази од машинското учење“, изработен со коавторите Магдалена Петровска, Неџати Куртиши и Елена Божиновска Стојчевска.

Трудот беше претставен на сесијата „Иновации за подобра статистика“, а во него се покажува како можат да се користат алатките на вештачката интелигенција за добивање показател за економските услови од квалитативните одговори од анкетите за очекувањата за растот на БДП и на инфлацијата и за негово вклучување во моделите на машинското учење, заради побрзо и поточно проценување на економската активност во земјава.

Овогодинешната конференција беше посветена на теми што се од директен интерес за пошироката јавност, како што се: користењето на вештачката интелигенција за побрзо следење на инфлацијата и економската активност; новите начини за процена на ризиците од климатските промени за финансискиот систем; подобрувањето на достапноста и квалитетот на економските податоци што им служат на граѓаните и на носителите на политиките и искористувањето податоци од платежните системи за подобро разбирање на потрошувачката на домаќинствата.

Учеството на претставниците на Народната банка на овој значаен меѓународен настан покажува дека статистичката практика во земјава е во чекор со најновите светски трендови во примената на податоците и вештачката интелигенција во централното банкарство.

 

 

ИЗДВОЕНИ