Македонија има јасна европска определба, но и јасно поставени црвени линии кога станува збор за македонскиот идентитет, јазик и култура, истакна вчера претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, во своето обраќање пред гостиварци, во рамките на отчетот пред граѓаните под мотото “Две години работа. Две години резултати. Една љубов– Македонија”. Димитриевски потенцира дека ставот што ЗНАМ го застапува од своето основање до денес е и став на Владата и државна позиција на Македонија. Тој нагласи дека ЗНАМ ја поддржува иницијативата за средба и разговор со бугарската страна, но дека Македонија повеќе нема да дозволи билатералните прашања да се претвораат во услови за нејзината европска иднина.
-Ние сме за разговор, за средба и за добрососедски односи со Бугарија. Но, да бидеме јасни, за идентитетот, јазикот и културата на македонскиот народ нема да преговараме. Претходната власт дозволи едно билатерално прашање да биде внесено во европскиот процес и од билатерален проблем да стане европско прашање. Денес поради таквите одлуки сите ја плаќаме цената. Ние нема да ја повторуваме таа грешка. Македонија ќе оди кон Европската Унија, но во Европа ќе влеземе како Македонци, со македонски јазик, македонска култура и сопствен национален идентитет, порача лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Во однос на капиталните инвестиции, Димитриевски посочи дека отчетот најдобро се мери преку конкретните проекти што се реализираат низ општините и кои директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
-Кога зборуваме за резултати, зборуваме за нешто што граѓаните можат да го видат и почувствуваат. Во изминатиот период поддржани се повеќе од 1.200 проекти во општините, од кои дел веќе се завршени, а дел се во реализација. Тоа се улици, водоводи, канализации, училишта, спортски објекти и друга инфраструктура. Но, зад секој од овие проекти стои нешто многу поважно, подобар услов за живот, подобра услуга и нова можност за развој на секоја општина, порача Димитриевски.
Тој во своето обраќање се осврна и на мерките за подобрување на животниот стандард, нагласувајќи дека растот на економијата мора да се почувствува директно кај граѓаните.
-Работиме на зголемување на платите во јавниот сектор, од административните службеници, преку вработените во образованието и здравството, до припадниците на безбедносниот сектор. Со потпишаните колективни договори и постепеното зголемување на платите, вложуваме во луѓето и во вреднувањето на нивниот труд. Подобриот стандард мора да биде резултат што граѓаните ќе го почувствуваат, истакна лидерот на ЗНАМ.
На панел-дискусијата свои обраќања имаа и пратеникот Павле Арсоски, кој говореше за актуелните политички процеси и работата во Собранието, поранешниот министер за правда Игор Филков, кој се осврна на реформите во правосудството и владеењето на правото, како и заменик-министерот за дигитална трансформација Радислав Настасијевиќ Варџиски, кој говореше за процесите и реформите во дигиталната трансформација на јавните услуги.

-Движењето ЗНАМ продолжува со отчетот пред граѓаните низ Македонија, со порака дека резултатите мора да бидат видливи во секој град и секое населено место, затоа што Македонија не се гради само со зборови и ветувања, туку со работа што останува зад нас и со дела што граѓаните ги чувствуваат во својот секојдневен живот, се вели во партиското соопштение.












