Забрзано чукање на срцето, губење на чувството за време, занемарување на гладот и жедта, како и нарушувања на сонот се само дел од можните последици од долготрајното играње видеоигри. Здравствен консултант објасни како телото може да реагира за време на осум часа поминати пред екранот.
Долгоочекуваната видеоигра GTA 6 привлече големо внимание кај гејмерите, од кои многумина се подготвени да поминат часови истражувајќи го нејзиниот виртуелен свет. Сепак, долготрајните сесии на играње без паузи можат негативно да влијаат врз телото и врз способноста за концентрација.
Здравствениот консултант Мајк Коксис за LADbible објасни какви промени можат да настанат во текот на осум часа непрекинато играње.
По 30 минути: Може да се појави силно чувство на возбуда, поврзано со допаминот – невротрансмитер вклучен во мотивацијата и чувството на награда.
„Секој нов предизвик, неочекуван пресврт, нова област на мапата или успешно завршена мисија нуди дополнителни можности за активирање на системот за наградување во мозокот“, објаснува Коксис. Токму затоа на играчите може да им биде тешко да го остават контролерот, пренесува Вечерни.хр.
По еден час: Интензивната акција во играта може да предизвика физиолошка реакција позната како „бори се или бегај“.
„Срцевиот ритам се забрзува, дишењето станува побрзо, а вие станувате побудни – иако всушност само седите на каучот“, вели Коксис. Овој тип на реакција зависи од настаните во играта и од нивото на возбуда што тие го предизвикуваат.
По два часа: Играњето може да придонесе за релаксација и намалување на чувството на стрес. Коксис напоменува дека дури и 25 минути играње видеоигра со насилна содржина можат да го намалат нивото на кортизол – хормон поврзан со стресот. Овој вид на психолошко олеснување е една од причините зошто играњето игри може да биде пријатно искуство.
По три до четири часа: Може да дојде до состојба на целосна потопеност во играта, поради што играчот губи чувство за времето. Коксис објаснува дека свесноста за изминатото време се намалува, што го отежнува проценувањето колку долго некој играл или кога е време да се направи пауза.
По пет до шест часа: Може да почнат да се чувствуваат последиците од занемарувањето на основните физички потреби.
„До овој момент, можеби со часови речиси и не сте се помрднале, а сте толку внесени во виртуелниот свет што сте заборавиле да јадете како што треба или да испиете доволно вода“, предупредува Кочиш.
Тој додава дека долготрајната концентрација и брзата обработка на визуелни информации можат да бидат ментално исцрпувачки, дури и кога играчот ужива во играта.
По седум до осум часа: Може да се појави поизразен ментален замор.
„Иако играњето игри е ментално стимулирачко, одржувањето на фокусот во текот на целиот ден и носењето брзи одлуки може да биде исцрпувачки, а овој ментален замор може да ја наруши способноста за концентрација и обработка на информации“, објаснува Кочиш.
Во оваа фаза, играчите може да покажат побавно време на реакција и потешко да го задржат вниманието. Понатаму, играњето до доцна навечер може да го отежне заспивањето, бидејќи светлината од екранот може да го одложи лачењето на мелатонин – хормон кој учествува во регулирањето на сонот.
Поради ова, Кочиш препорачува да се намали осветлувањето пред спиење и да се избере активност што е помалку визуелно стимулирачка. Ова се само некои од можните последици од долготрајното играње видеоигри. Еден здравствен консултант објасни како телото може да реагира во текот на осум часа поминати пред екранот.












