среда, ноември 25, 2026
Дома СВЕТ Во Италија, 57 свештеници завршија во затвор поради сексуална злоупотреба на деца

Во Италија, 57 свештеници завршија во затвор поради сексуална злоупотреба на деца

0

Во Италија, во текот на последните две децении, 57 католички свештеници се осудени и испратени во затвор поради сексуална злоупотреба на деца. Ова се наведува во извештајот објавен денес, изготвен по нарачка на Италијанската епископска конференција (CEI).

Извештајот опфаќа 378 случаи пријавени до црковните власти во периодот од 2001 до 2021 година, кои вклучуваат вкупно 880 инциденти, 356 осомничени сторители и 385 жртви.

Од 356-те осомничени сторители, 123 биле пријавени пред италијанскиот правосуден систем, а 57 биле прогласени за виновни и осудени на затворска казна.

Црквата изрекла дисциплински санкции за 218 свештеници, од кои околу 70 отсто биле прогласени за виновни. Од вкупниот број осомничени, 87 биле лишени од свештеничкиот чин (лаицизирани) или привремено отстранети од свештеничката служба, 39 се пензионирале, а 67 починале.

Според извештајот, околу 70 отсто од пријавените жртви биле од машки пол, при што момчињата на возраст од 14 до 17 години претставуваат најранлива група.

Во приближно 80 отсто од случаите, осомничените сторители биле повратници (веќе имале извршено такви дела), додека во нешто помалку од 30 отсто од пријавените случаи станувало збор за сексуални дејствија. Со децении, Католичката црква ширум светот е потресена од скандали поврзани со свештеници кои сексуално злоупотребувале деца, како и од последователното прикривање на овие злосторства – ситуација што ѝ нанела штета на угледот на Црквата и довела до исплата на стотици милиони долари отштета.

Според критичарите, Црквата во Италија долго време била неподготвена да се соочи со овој проблем – за разлика од Франција, Шпанија и Германија, каде што независни извештаи укажаа на застапеноста на сексуалните злосторства извршени од страна на свештенството.

„Овие злосторства откриваат едно зло што навлезе во Црквата: мораме да го наречеме со вистинското име и да ја признаеме неговата ужасност“, изјави кардиналот Матео Марија Ѕупи, претседател на Италијанската епископска конференција, пренесува Ројтерс. Податоците собрани за извештајот се засноваат исклучиво на информации од црковните архиви и, како што е наведено, „не го одразуваат целосниот обем на извршените дела, ниту пак овозможуваат прецизна проценка на реалниот број случаи на злоупотреба“.

Авторите на извештајот предложија дополнителни мерки за италијанските бискупи, вклучително и воспоставување телефонска линија за помош на жртвите, како и започнување јавна кампања за нивно охрабрување да ја пријават злоупотребата.

Предлозите опфаќаат и формирање постојано тело за собирање и анализа на податоци за случаите на злоупотреба – препорака што Италијанската бискупска конференција (CEI) веднаш ја прифати.

ИЗДВОЕНИ