недела, август 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Од Крушево до Прохор Пчински – Македонија ги одбележува двата Илиндена, најзначајни...

Од Крушево до Прохор Пчински – Македонија ги одбележува двата Илиндена, најзначајни настани за македонската државност

18

Македонија денеска го празнува 2 Август – Денот на Републиката, два Илиндена. Оваа година се одбележуваат 123 години од Илинденското востание и 82 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

Со централна прослава на „Мечкин Камен“ во Крушево и со положување цвеќе и пригодни активности во Скопје и Пелинце, ќе се слават двата клучни столба во македонската државност, кои се празнуваат како Ден на републиката.

По повод одбележувањето на националниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре – 2 август 2026 година, недела, ќе се обрати пред споменикот на Методија Андонов-Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје и ќе положи цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов-Ченто.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, ќе биде дел од одбележувањето што ќе се одржи во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, со почеток во 09:00 часот. Во рамките на овој настан, претседателот на Владата ќе има свое обраќање.

На централниот настан во Крушево, оваа година на големиот народен собир по повод празникот ќе се обрати потпретседателот на Собранието на Северна Македонија Антонијо Милошоски.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој оваа година наместо во Крушево избра да присуствува на меѓународна конференција во Египет, по повод 2 Август – Денот на Републиката, порача дека Илинден ги обединува граѓаните околу вредностите врз кои е изградена македонската држава.

Во честитката, Гаши ги посочи Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година како двата историски столба на стремежот кон слобода, самоопределување и државност.

ИЗДВОЕНИ