Милионски инвестиции се најавуваат и реализираат во повеќе сектори, од автомобилската индустрија и високите технологии до телекомуникациите. Новите производствени капацитети треба да донесат стотици нови работни места, поголем извоз и дополнителен економски импулс. Владата очекува инвестицискиот циклус да продолжи и во наредниот период, со нови компании и нови проекти. Дали овие вложувања ќе се претворат во долгорочен раст и повисок животен стандард, ќе покаже нивната реализација

Нови фабрики, нови погони и нови работни места. Тоа е сликата што Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ сака да ја испрати за економските движења во земјава, со низа најавени и започнати инвестиции во автомобилската, високотехнолошката, фармацевтската и телекомуникациската индустрија.

Според Владата, инвестицискиот циклус зема замав почнувајќи од ТИРЗ Тетово до Кичево и Скопје, а очекувањата се дека новите капацитети ќе донесат производство, извоз и, што е најважно за граѓаните, нови работни места.

Оттаму нагласуваат дека во ТИРЗ Тетово треба да се реализира инвестицијата на „Џаво Отомотив“, мултинационална компанија со повеќедецениско искуство во автомобилската индустрија. На маса е инвестиција од околу 21 милион евра до 2030 година, со потенцијал за отворање од 400 до 500 работни места и годишен извоз од околу 45 милиони евра.

Во Скопје, пак, веќе се гради фабриката на „Чагатај Кабло“ во ТИРЗ Скопје 1. Инвестицијата е проценета на околу 6 милиони евра, а производствениот погон од 10.000 квадратни метри треба да донесе до 200 нови вработувања. И Кичево влегува во инвестициската мапа. Таму започна изградбата на фабриката на белгиската „Aваста батери и енерџи инженеринг“, наменета за производство на електронски батерии за автомобилската индустрија.

Но, приказната не завршува со автомобилскиот сектор. Владата најавува и нови вложувања во високите технологии. Во земјава се реализираат проекти на „Епсотех“ и американскиот „Вебтек“, а дополнителен инвестициски потенцијал носат и турска и германска компанија кои, според најавите, планираат вкупно околу 80 милиони евра инвестиции. Зад овие бројки стојат и околу 1.000 потенцијални нови работни места, како и извоз кој би можел да надмине 200 милиони евра.

Од Владата велат дека веќе се затворени разговорите со уште три странски компании кои планираат фабрики во земјава, додека паралелно се преговара со уште десетина компании од различни индустрии.

Дополнителен импулс се очекува и во телекомуникациите. Компанијата „Фор-ај-џи“, која доби дозвола за трет мобилен оператор, најавува вложување од над 100 милиони евра. Очекувањето е поголема конкуренција, нови услуги и повеќе избор за корисниците.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека токму економијата е во фокусот на оваа влада. Тој во последните настапи ги посочува платите, пензиите, јавниот долг, БДП и инфлацијата како главни параметри за оценување на економските резултати. Според неговите податоци, просечната плата во мај 2026 година достигнала 49.544 денари, додека просечната старосна пензија изнесувала 29.663 денари. Мицкоски тврди дека порастот на платите е за 70 % поголем на месечно ниво во споредба со периодот на претходната влада, додека кај старосните пензии растот, според неговата анализа, е 325 % побрз.

Во меѓувреме, пораст бележи и градежништвото. Според Мицкоски, бројот на издадени одобренија за градење е зголемен за повеќе од 30 %, а над 30 % е поголема и вредноста на планираните градежни работи во споредба со истиот период лани. Ако овој тренд продолжи, очекувањето на Владата е градежништвото да стане уште еден мотор на економскиот пораст и позитивно да се одрази врз БДП.

Растат платите и пензиите, инфлацијата е пониска

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека економските показатели покажуваат подобри резултати во споредба со периодот на претходната Влада. Според неговата анализа, просечната плата расте за 70 % побрзо на месечно ниво, додека старосната пензија бележи 325 % побрз пораст во споредба со периодот на СДСМ и ДУИ.

Мицкоски посочи и дека јавниот долг е за два и пол пати помал, додека БДП е поголем за 120 милиони евра. Дополнително, инфлацијата во јули 2026 година изнесува 2,3 проценти, наспроти 16 проценти во јули 2022 година.

– Дали е доволно? Не е. Дали треба да биде подобро? Треба да биде – порача Мицкоски, додавајќи дека Владата ќе продолжи да работи на поголем економски раст и подобар животен стандард.

Според премиерот, бројките се најдобар показател за економските резултати и, како што рече, земјава веќе не е на дното во регионот.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ