
НАТО верува дека приближно 24.000 странски платеници од 44 земји се борат во рамките на руските сили, од кои повеќето се од африканските држави. Убиени се најмалку 3.589, меѓу кои повеќе од 2.000 Севернокорејци, кои биле испратени на фронт со договор меѓу нивната земја и Русија. Некои од нив знаеле дека ќе се приклучат на воена служба, други, пак, тврдат дека пристигнале во Русија очекувајќи да студираат или да работат во градежништвото или безбедноста, но биле испратени на воена обука, а подоцна и на фронт
Најмалку 3.589 странски државјани од повеќе од 40 земји се убиени борејќи се на страната на Русија откако почна нејзината целосна инвазија на Украина, открива истрага на Би-би-си.
Меѓу нив има затвореници регрутирани во руски затвори, мигранти кои велат дека биле принудени или измамени, волонтери привлечени од високи плати и редовни севернокорејски војници испратени според договор меѓу Москва и Пјонгјанг. „Би-би си њуз“ на руски јазик и независниот медиум „Медиазона“ направија список на потврдени загуби на странски војници, користејќи информации од сигурен извор, како што се официјални најави, објави на социјалните мрежи и слики од гробови и воени споменици. Меѓу загинатите странци кои се бореле за Русија се државјани на Србија, од каде што на списокот на Би-би-си има 13 загинати, потоа на Куба, САД, Кина, Виетнам, Полска, Индија, Непал, Грузија, Белорусија и многу други. Меѓу загинатите не се споменуваат македонски државјани, но во редовите на руските паравоени формации ги има, за што потврда се двајцата мажи кои македонското Јавно обвинителство ги истражуваше на почетокот на минатата година. Од нив еден служел во приватната војска „Вагнер“. Според претходни медиумски извештаи, загинал и еден државјанина на Босна и Херцеговина. Тој бил поранешен припадник на вооружените сили на БиХ, кој отишол да се бори за Русија привлечен од големиот паричен надоместок.
Дополнителни 2.304 севернокорејски војници беа идентификувани од корејскиот сервис на Би-би-си преку сателитски снимки и официјални фотографии од воен споменик во Пјонгјанг. Но, се смета дека вкупниот број странци кои се бореле на руска страна – вклучувајќи ги и оние што преживеале – е неколкупати поголем.
НАТО верува дека приближно 24.000 странски платеници од 44 земји се борат во рамките на руските сили, изјави за Би-би-си висок функционер на Алијансата на самитот во Анкара овој месец. Мнозинството, според него, се од африканските држави.
– Веројатно стотици Африканци потпишале договори. Некои го сториле тоа доброволно, додека други биле принудени, рече тој.
Списокот на Би-би-си вклучува и 25 украински граѓани од други делови на Украина кои загинале на фронтот како дел од руските формации. Повеќето од нив се пријавиле во војната од казнени колонии. Во средината на 2022 година, на затворениците, вклучително и странци, им беше дадена можност да бидат ослободени во замена за одење на фронт. Нивното регрутирање првично го водеше приватната воена компанија „Вагнер“, а подоцна го презеде Министерството за одбрана. Оваа шема првенствено ги погодуваше граѓаните на поранешните советски земји, особено оние од Централна Азија. На пример, повеќе од половина од граѓаните на Узбекистан и Таџикистан кои беа убиени во војната беа лица кои отидоа на фронтот од руските затвори.
Во 2024 година, руските власти значително ги зголемија надоместоците за приклучување кон армијата. Исплатите варираат во зависност од регионот, но на регрут кој потпишува договор во Москва моментално му се ветени околу 30.000 долари однапред како бонус за регистрација, а потоа плата од околу 3.500 долари месечно. Борбените бонуси можат да ја зголемат заработката во првата година за московјаните над 72.300 долари. За споредба, средната месечна плата во Русија е 760 долари.
Приближно во исто време почна интензивно регрутирање на жители од подалечни земји, како што се Куба, Непал, Индија, Шри Ланка и Јемен. Некои од нив знаеле дека ќе се приклучат на воена служба. Други, пак, тврдат дека пристигнале во Русија очекувајќи да студираат или да работат во градежништвото или безбедноста, но биле испратени на воена обука, а подоцна и на фронт. Од средината на 2025 година, организациите за човекови права и адвокатите предупредуваат на нов притисок врз работниците мигранти од поранешните советски републики кои живеат во Русија. На некои наводно им била понудена помош за налозите за депортација, забраните за влез или апликациите за руско државјанство во форма на потпишување договори со војската. Некои, пак, тврдат дека им се заканувале.
Иако се регрутираат луѓе од голем број земји, странските државјани сè уште сочинуваат мал дел од вкупните загуби на руската страна. Дури и кога ќе се вклучат и севернокорејските војници, странските државјани сочинуваат помалку од два проценти од 233.033 жртви на руските потврдени од рускиот сервис на Би-би-си. Сепак, како што расте бројот на жртви и сè помалку Руси покажуваат подготвеност да потпишат договор за воена служба, Москва веројатно ќе продолжи да бара нови регрути во странство.
И Украина регрутира странски државјани преку државен систем што беше воспоставен по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Таа година, според објавените податоци, борејќи се за Украина, загинале 30 македонски државјани. Според податоците од август 2025 година, најмалку 16.000 странски државјани од 72 земји служеле во сите родови на украинските вооружени сили. Странските државјани кои служат во украинските вооружени сили добиваат иста плата како и украинските војници – околу 2.690 американски долари за цел месец во борбената зона. Дополнителни 1.570 долари се исплаќаат за секои 30 дена поминати на фронтовската линија.











