недела, јуни 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Обвинителството бара мерки на претпазливост за малолетните насилнички од Ѓорче

Обвинителството бара мерки на претпазливост за малолетните насилнички од Ѓорче

534

Случајот со бруталното врсничко насилство во Ѓорче Петров, кој деновиве ја вознемири јавноста по објавата на весникот ВЕЧЕР, доби и институционален епилог. Обвинителството веќе поведе постапка против четири малолетнички, а поднесени се и кривични пријави против нивните родители.

Од Основното јавно обвинителство – Скопје информираат дека е поднесено барање за поведување подготвителна постапка против четири деца во судир со законот, поради сомнение дека сториле кривично дело – насилство. Станува збор за една 17-годишна и три 14-годишни малолетнички, кои, според Обвинителството, во два наврати учествувале во напад врз 13-годишно девојче.

Постапката се води според Законот за правда за децата, а обвинителот побарал и мерки на претпазливост, имајќи ја предвид тежината на случајот и начинот на кој било извршено делото.

Паралелно, отворена е постапка и против родителите. До Обвинителството се доставени шест кривични пријави за запуштање и малтретирање дете, со сомнение дека пропустите во грижата и воспитувањето довеле до вакво насилство. Истрагата за овие наводи е во тек и се прибираат докази.

Претходно, од Министерството за внатрешни работи соопштија дека пријавите ги поднела полицијата во Ѓорче Петров, по утврдување дека четирите малолетнички извршиле физички напад врз 13-годишното девојче на крајот на март.

Случајот излезе во јавноста откако нашата редакција објави дека девојчето било изложено на брутално насилство – тепано, горено со цигари и понижувано, додека дел од настанот бил и сниман со мобилен телефон. По преживеаниот шок, детето завршило на лекарска и психијатриска помош.

Токму овие детали предизвикаа силни реакции кај јавноста и отворија прашања за тоа колку се продлабочува врсничкото насилство и дали институциите реагираат навреме. Министерката за образование, Весна Јаневска, ќе наложи да се воведат дежурства на наставниците во училиштата, за време на одморите, во ходниците на училиштата, но и во дворовите, по зачестените случаи на врсничко насилство.

(П. А.)

Женска ученичка група тепала, понижувала и горела со цигара помладо девојче

ИЗДВОЕНИ