Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средба со директорите на сите осум основни училишта на територијата на Општината ги прецизираше клучните образовни политики што ќе се спроведуваат во текот на наредната учебна година. На состанокот беше усвоен сеопфатен план со конкретни мерки насочени кон подобрување на условите за учениците, при што акцентот е ставен на еднаквиот пристап до квалитетно образование и подобра поддршка за сите ученици.

Една од најзначајните новини е воведувањето бесплатна храна за учениците што посетуваат целодневна настава. Почнувајќи од септември 2026 година, трошоците за оброците целосно ќе ги покрива Општина Центар, со што родителите нема да имаат дополнителни финансиски обврски за исхраната на своите деца во училиштата.

– Продолжуваме и наредната година со успешниот проект училишни униформи за учениците од сите одделенија, со цел да поттикнеме еднаквост, дисциплина и чувство на припадност – истакна Герасимовски на средбата.

За учениците од четврто до деветто одделение е предвидено и целосно финансирање на еднократна или повеќедневна екскурзија во рамките на проектот „Ја сакам Македонија“. Со оваа мерка се овозможува учениците да ги запознаат природните и културните богатства на земјата, да стекнат нови искуства и да ја зајакнат врската со татковината.

Дополнително, Општината најави зголемување на стипендиите за талентираните ученици за 50 проценти. Директорите ја поддржаа и мерката за воведување менторска поддршка и дополнителна настава, наменета за учениците што имаат потреба од помош во учењето, како и за оние што се подготвуваат за натпревари.

– Со овие мерки, Општина Центар јасно покажува дека вложувањето во образованието значи вложување во иднината. Секое дете треба да има еднаква шанса, поддршка и услови за раст и напредок – порача Герасимовски.

ИЗДВОЕНИ