Обвинителството поднесе обвинение за поранешниот државен правобранител Фехми Стафа за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
“Според обвинителниот акт, обвинетиот во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, со намера да прибави противправна имотна корист, примил вкупен износ од 50.000 евра за да посредува и да го искористи своето реално влијание со цел да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје и преку давање поткуп да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши”, соопштуваат од ОЈОГОКК и бараат од судот продолжување на мерката притвор.
Со истрагата за Стафа која се отвори за митото во скопска Апелација, почна и предистрагата за судијата Ѓоко Ристов во чиј дом од родителите се пронајдоа соѕидани илјадници евра за кои се сомничи дека се земено мито.
Стафа му беше адвокат на осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов-Ѓаволот, кој пак е лицето за кое поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, во својство на адвокат, требало да издејствува укинување на мерката притвор кај апелациониот судија. Ристов додека трае истрагата е отстранет од работното место и се наоѓа во домашен притвор.












