Предлогот за постепена интеграција ја заостри дебатата за пристапот кон проширувањето
| Предлогот за „обратно членство“ предизвика контроверзии меѓу земјите членки на ЕУ, кои најмногу се придржуваат кон класичниот постепен пристап. Македонија и другите кандидати од Западен Балкан се соочуваат со неизвесност околу идниот модел на интеграција. Експертот за ЕУ-интеграции, Малинка Ристевска-Јорданова, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека било очекувано државите членки на ЕУ да ja одбијат идејата на Комисијата за т.н. обратно членство за држави кандидати, но ваквата ситуација не треба да ни биде изговор за стагнирање, односно уназадување на европската политика на Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање што конкретно би прифатила Македонија, односно дали е прифатливо за нас членство без право на глас, денеска потенцира дека никогаш не рекол дека земјава добила понуда од ЕУ, туку дека се зборува во ходниците во Европската Унија за неколку можни сценарија. Мицкоски рече дека официјално ништо досега не им е понудено на македонските власти во однос на сценаријата за можно членство во Унијата |
Европската перспектива на Македонија и на другите земји кандидати од Западен Балкан повторно се најде под лупа откако Европската комисија ги презентираше своите идеи за идните модели на интеграција на новите членки во Европската Унија. Меѓу предложените опции, најмногу внимание предизвика концептот на т.н. обратно членство или постепено воведување во интеграциските политики, кој веднаш наиде на сериозно одбивање од мнозинството земји членки. Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање што конкретно би прифатила Македонија, односно дали е прифатливо за нас членство без право на глас, потенцира дека никогаш не рекол дека земјава добила понуда од ЕУ, туку дека се зборува во ходниците во Европската Унија за неколку можни сценарија. Мицкоски рече дека официјално ништо досега не им е понудено на македонските власти во однос на сценаријата за можно членство во Унијата.
– Се разбира дека таму се зрели дипломати, кои не би влегле во ниту едно сценарио без потоа да добијат потврда од земјите членки, односно од Европскиот совет за тоа сценарио. Дали ќе бидат реализирани дел од тие сценарија, кое сценарио ќе биде реализирано, да почекаме да видиме каков ќе биде исходот од сето тоа. Тоа што се зборува во ходниците, дали прво ќе биде преточено во предлог, а второ, дали земјите членки потоа ќе го прифатат тој предлог. Секоја друга дипломатска и политичка егзибиција, изјава или каква било реторика од страна на Владата во овој момент не само што може да ги наруши нашите позиции туку би била и неодговорна кон граѓаните и кон државата. Јас сум претседател на Владата на Република Македонија и како таков ги претставувам интересите на мојата држава. Другите држави си имаат претседатели на влади и на држави, тие нека си водат смета за своите интереси. Јас ги штитам интересите на граѓаните на Македонија – изјави денеска премиерот Мицкоски.
Силно сме врзани со ЕУ
Познавачите предупредуваат дека, и покрај овие дискусии, Македонија не смее да дозволи стагнација во својата европска политика, туку напротив – потребни се поголема активност, професионалност и стратегиска посветеност за заштита на националните интереси и максимално користење на европските интеграциски можности.
Експертот за ЕУ-интеграции, Малинка Ристевска-Јорданова, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека било очекувано државите членки на ЕУ да ja одбијат идејата на Комисијата за т.н. обратно членство за држави кандидати, и тоа не само во однос на предложената целна година – 2027 туку и воопшто како концепт. Според неа, примарно идејата е мотивирана и се однесува на Украина, која инсистира на брзо членство во ЕУ, но се придодаваа и кандидати од Западен Балкан и Молдавија, па и оваа идеја се претставуваше како еден од многуте „прозорци“ за пристап до ЕУ.
– Пораките од државите членки се, главно, дека останува постојниот постапен пристапен процес. Од друга страна, процесот, сепак, не стои и мора да се следи и да се биде активен во него. Се води дебата и за други опции од типот на пристап до внатрешниот пазар и Шенген, како што побараа неодамна албанскиот премиер, Рама, и српскиот претседател, Вучиќ, потоа „фазната интеграција“ итн. Треба да се има предвид и дека за Црна Гора се водат веќе преговори како би изгледал договорот за пристапување, со извесни, но сè уште невообличени „долгорочни заштитни мерки“. Исланд ќе има референдум дали да ги продолжи преговорите за членство во ЕУ – вели Ристевска-Јорданова.
Сепак, таа сугерира дека ваквата ситуација не треба да ни биде изговор за натамошно стагнирање, односно уназадување, и од стратешки и од технички аспект, на европската политика на Македонија.

– Стои императивот да ги заштитиме нашите национални интереси, особено во поглед на наметнатите барања што се надвор од правото на ЕУ. Но, ние сме европска земја, географијата нема да ја смениме, а економски и на секој друг начин сме силно врзани со ЕУ. Затоа треба да ѝ пристапиме на европската политика со многу повеќе вклученост и повисоко ниво на дебата, а особено со многу повисок степен на професионалност и капацитет на институциите – вели експертот за ЕУ-интеграции, Малинка Ристевска-Јорданова, во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Од европските кулоари изминатиов период доаѓаа информации дека Европската комисија предлага идеи за идниот пристап на новите држави кон членство во Европската Унија, со цел да се обезбеди појасен и систематизиран процес на интеграција. Главната мотивација зад овие предлози е потребата да се одговори на притисокот од Украина за забрзано членство, но и да се понудат потенцијални патеки за земјите од Западен Балкан и Молдавија. Тоа го потврди и премиерот Мицкоски.
Три можни сценарија
Според информациите, Комисијата на Урсула фон дер Лајен предлага три можни сценарија. Првото сценарио е статус кво или задржување на постојните правила и пристапот „членство врз основа на заслуги“. Ова сценарио претставува класичен и постепен пристап, каде што секоја држава мора да ги исполни сите критериуми пред да стане полноправна членка.
Второто сценарио е за систематска и постепена интеграција, опција што предвидува нови интеграциски пакети, како пристап до единствениот пазар или учество во заедничката надворешна и безбедносна политика. Идејата е идните членки постепено да се вклучуваат во одредени области, со што се добиваат флексибилност и можност за делумна интеграција без целосно членство.
Третото сценарио за „обратно“ или „постепено“ членство е најконтроверзната опција, која предвидува две фази: во првата фаза државата добива ограничено членство во одредени политики, а во втората постепено ги добива сите права и обврски како полноправна членка. Според дипломатски извори за бриселски „Политико“, веднаш по претставувањето, на вечерата во Брисел минатата недела меѓу амбасадорите на ЕУ и шефот на кабинетот на претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, Бјорн Зајберт, ова сценарио наишло на одбивање од мнозинството земји членки на ЕУ, кои сметаат дека ваквиот модел е премногу експериментален и несигурен.
Според „Политико“, кога станува збор за приемот на нови членки во ЕУ, Европската комисија има еден главен приоритет: да се осигури дека нема да има следна Унгарија.
Но, иако мнозинството земји ја одбиле идејата за „обратно членство“, дел од нив не ја отфрлиле целосно втората опција и се подготвени да им обезбедат пристап на идните членки до одредени инфраструктурни и финансиски проекти, како што се енергетиката и европскиот систем за плаќања во евра (СЕПА).
Методологијата на ЕУ не е соодветна на времето во кое живееме
Еврокомеарката Марта Кос, за бриселски „Политико“, изјави дека мора да има поширока дискусија со Европската Унија меѓу земјите членки за методологијата на процесот на пристапување, која повеќе не е соодветна на времето во кое живееме. Кос истакна дека ако ЕУ не успее да се приспособи, ризикува да ги турка потенцијалните членки на ЕУ кон Кремљ и неговите сојузници.
– Ако не можеме наскоро да ги интегрираме нашите кандидати во ЕУ, тогаш постои опасност некој друг да биде повлијателен во тие земји и да ги користи против нас, претворајќи ги во оружје – истакна Кос, но, сепак, предупреди, дека без реформи, ништо нема да биде остварливо.
Во светло на овие дискусии, експертите и политичарите нагласуваат дека Македонија и другите земји кандидати мораат да продолжат со реформите и активната европска политика, без оглед на дебатите околу новите модели на пристапување. Идеите за „обратно членство“ и постепена интеграција ги покажуваат сложеноста на процесот и потребата од флексибилност, но и од јасни национални стратегии за зачувување на интересите. Истовремено, пристапот кон единствениот пазар, Шенген и проектите како СЕПА покажува дека Европската Унија е подготвена да понуди делумни решенија што може да ја зголемат економската и стратешката поврзаност на кандидатите со ЕУ.
Сепак, предупредувањата од европските функционери како Марта Кос се јасни: без активни реформи и институционална подготовка, потенцијалните членки може да бидат под влијание на трети страни, што ја зголемува геополитичката ранливост на регионот. Во вакви услови, за Македонија е клучно да ја искористи шансата за целосна вклученост во европските интеграции, да ги зајакне своите институции и да обезбеди стабилна и стратешки позиционирана политика што ќе ја постави на вистинскиот пат кон полноправно членство во Унијата. (В. С. Н.)












