петок, јуни 5, 2026
Дома СВЕТ Обложувач заработил речиси милион долари со прецизно темпирани облози за конфликтот со...

Обложувач заработил речиси милион долари со прецизно темпирани облози за конфликтот со Иран

631
EPA/GAILAN HAJI

Обложувач заработил речиси 1 милион долари од 2024 година благодарение на десетици прецизно темпирани облози на платформата Polimarket, со кои точно ги предвидел воените акции на САД и Израел против Иран, според анализата доставена до CNN од Bubblemaps, пренесенс од Index.hr.

Кога станува збор за облози поврзани со Иран, на кои инвестирал петцифрени суми, тој погодил 93 проценти од нив, иако настаните на кои се обложувал биле ненајавени воени операции.

Тој имал шема на екстремно точни облози, вклучувајќи ги и оние поставени неколку часа пред израелските напади во октомври 2024 година за време на меѓусебните напади со Иран, потоа неколку часа пред воздушните напади на САД врз иранските нуклеарни објекти во јуни 2025 година, како и неколку часа пред заедничкиот изненадувачки напад на САД и Израел во февруари, што ја предизвика сегашната војна.

Сметките што ги користел се анонимни

Наодите на Bubblemaps, компанија која ги следи блокчејн трансакциите, дополнително ги поттикнаа загриженостите за можно тргување со инсајдери на таканаречените пазари на предвидување, каде што корисниците можат да се обложуваат на сè, од спорт и избори до воени настани.

„Сето ова силно укажува на инсајдерска активност, со оглед на износите што ги остварил, пазарите што ги играл, времето на неговите тргувања, нивниот успех и фактот дека сметките се поврзани заедно на блокчејнот. Тоа го сметам за многу сомнително“, изјави за CNN извршниот директор на Bubblemaps, Ник Вајман.

Не е јасно дали обложувачот идентификуван од Bubblemaps всушност имал инсајдерски информации, а сметките што ги користел се анонимни и не можат јавно да се поврзат со одредено лице. Облозите биле поставени на меѓународната верзија на Polimarket, која не е директно надгледувана од американските регулатори. Polimarket не одговорил на повеќекратните барања за коментар од CNN.

Комисијата за тргување со стокови фјучерси (CFTC) на САД, која ги регулира пазарите на предвидување, минатата година му одобри на Polymarket да започне да нуди услуги на американските корисници. Неговата американска верзија сè уште не е целосно оперативна, но експертите велат дека Американците лесно можат да пристапат до офшор платформата преку VPN.

Одобрувањето од CFTC доаѓа неколку месеци откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја затвори кривичната истрага од администрацијата на Џо Бајден за тоа дали Полимаркет неправилно им дозволил на американските корисници пристап до неговите офшор платформи.

Полимаркет објави нови правила за своите меѓународни и американски платформи во понеделник за да „разјасни три клучни категории на забрането тргување со инсајдери“.

Облозите врз основа на информации што корисниците се законски обврзани да ги чуваат во тајност, како и облозите врз основа на дојава од лице со иста обврска, се забранети. Исто така, се наведува дека лицата кои се во „позиција на моќ или влијание“ и можат да влијаат на исходот од настанот не смеат да учествуваат на поврзаните пазари.

Тод Филипс, професор по финансии на Универзитетот во Џорџија и поранешен член на советодавниот одбор на CFTC, рече дека гледа јасни предупредувачки знаци во овие облози.

„Повеќето професионални коцкари имаат стапка на успех од нешто над 50 проценти“, рече Филипс. Анализата на Bubblemaps покажа дека овој обложувач имал вкупна стапка на успех од 83 проценти, а дури 93 проценти за облози над 10.000 долари, со вкупна добивка од речиси 967.000 долари.

„Или ова лице има неверојатна среќа или ова е тргување од инсајдери. Стапка на успех од 80 до 90 проценти е едноставно премногу добра за да биде вистина. Ова ми изгледа како нешто сомнително“, рече Филипс.

Додека многу од најпрофитабилните облози биле поставени неколку часа пред воените акции на САД или Израел, некои биле поставени денови или недели порано, што Филипс рече дека е помалку типично за тргување од инсајдери.

Некои од сметките поврзани со овој корисник сè уште имаат активни позиции на Полимаркет. Иако најпрофитабилните облози биле поврзани со Иран, играчот поставил и десетици помали облози на спортски настани.

ИЗДВОЕНИ