Полицијата, која сè уште ја истражува мистериозната смрт на легендарниот актер Џин Хекман, неговата сопруга и нивното куче, ја заврши обдукцијата на двете жртви.
Во услови на интензивни шпекулации за тоа како Хекман и Бетси Аракава трагично загинале во нивниот дом во Ново Мексико вреден 3,8 милиони долари, инспекторите откриле дека немало надворешна траума на ниту едното тело. Додека обдукцијата беше завршена рано наутро во четвртокот, истражителите сè уште ги чекаат целосните резултати, заедно со извештајот за токсикологија, пишува Дејли мејл.
Едно од трите деца на Џин, Лесли Ен Хекман, изјави дека таа и нејзината сестра Елизабет Џин мислат дека парот починал од вдишување токсични гасови од истекување на јаглерод моноксид. Меѓутоа, пожарникарската служба во Санта Фе и гасната компанија Њу Мексико го тестирале домот на двојката за јаглерод моноксид и други странски елементи откако биле пронајдени нивните тела и заклучиле дека областа е безбедна.
„Во овој момент, нема знаци или докази кои укажуваат дека има проблем со цевките во и околу резиденцијата“, соопшти компанијата за гас во Њу Мексико.
Шерифот Адан Мендоза рече во изјавата во четвртокот попладне дека првичните наоди не покажуваат никаква надворешна траума на ниту едното тело.
„Немаше очигледни знаци на траума. Начинот и причината за смртта не се утврдени. Официјалните резултати од обдукцијата и токсиколошките извештаи се чекаат. Ова останува отворена истрага“, рече Мендоза.
Легендарниот актер Џин Хекман е пронајден мртов заедно со сопругата и кучето во нивниот дом во Ново Мексико. Нивните тела биле пронајдени откако сосед повикал полиција, а се шпекулира дека тие биле мртви две недели пред да бидат пронајдени. Полицијата се уште истражува и за се навремено ќе ја информира јавноста.
Од моментот кога се дозна дека славниот актер починал со сопругата, неговите колеги и пријатели не престануваат да се збогуваат со него.