Иако е невозможно прецизно да се предвиди дали или кога точно ќе дојде до целосен колапс на вртлогот, во неколку независни модели постојат знаци за слабеење на поларниот вртлог во средината на зимата 2026/2027 година.

Новиот поларен вртлог сега се формира над Северниот пол, со брзо стратосферско ладење и пад на притисокот кои се веќе видливи во најновите податоци. Сезоната ја започнува посилно од минатата година, но долгорочните прогнози покажуваат сосема поинаков сигнал за зимата 2026/2027 година. Новите сезонски трендови се совпаѓаат со забележителното забавување на поларниот вртлог околу средината на зимата, со ослабени ветрови и пораст на притисокот во стратосферата. Силен „Супер Ел Нињо“ исто така се развива во Тихиот Океан, што е уште еден фактор кој влијае врз зимскиот развој на поларниот вртлог, пишува „Severe Weather Europe“.

Поларниот вртлог претставува широка зимска циркулација на воздухот над поларните региони. Се состои од два слоја: стратосферски (повисок, посиметричен и постабилен) и тропосферски (понизок, понеправилен поради влијанието на релјефот и системите на притисок).

Најновите податоци покажуваат дека студеното јадро над полот се засилува, а притисокот во стратосферата брзо опаѓа, што значи дека се формира јасно дефиниран нов поларен вртлог за претстојната зима. При крајот на септември вртлогот би требало да биде нешто посилен од вообичаено за ова доба од годината. Сезонските прогнози на ECMWF и UKMO покажуваат дека вртлогот би требало значително да ослабне околу средината на зимата, отприлика од јануари 2027 година, со слабеење на ветровите и пораст на притисокот во стратосферата.

Тоа е знак за можно нарушување или дури и за т.н. појава на „ненадејно стратосферско затоплување“ (SSW) – настан во кој температурата високо во стратосферата расте за десетици степени во рок од неколку дена, нарушувајќи ја целата циркулација и овозможувајќи му на студениот воздух да „избега“ кон пониските географски широчини (САД, Канада, Европа).

Дополнителен фактор е многу силниот Ел Нињо кој се развива во тропскиот дел на Тихиот Океан, познат како „Супер Ел Нињо“. Историски гледано, силните настани на Ел Нињо се поврзани со забавување и слабеење на поларниот вртлог во стратосферата, што ги зголемува шансите за нарушување од типот SSW оваа зима.

Доколку дојде до целосен „колапс“ на поларниот вртлог (преку SSW настан), историските податоци од 34 такви настани покажуваат дека поголемиот дел од САД, како и северна и централна Европа, во следните 30 дена бележат температури под просекот.

„Severe Weather“ наведува и примери за слични, помалку интензивни нарушувања од јануари 2016 година (за време на последниот „Супер Ел Нињо“) и од јануари/декември 2026 година, кои и покрај тоа што не беа „целосни“ SSW настани, сепак предизвикаа продори на студен воздух и снег во САД, Канада и делови од Европа.

Иако не може прецизно да се предвиди дали и кога точно ќе дојде до целосен колапс на вртлогот, знаците за слабеење на поларниот вртлог во средината на зимата 2026/2027 година постојат во повеќе независни модели. Доколку тој тренд се потврди, тоа би можело да значи поголема веројатност за студени периоди и снег во САД, Канада и делови од Европа во текот на зимата.

ИЗДВОЕНИ