Министерството за култура и туризам објави конкурс за доделување месечни надоместоци на самостојните уметници за 2027 година, со цел поддршка и стимулирање на уметничкото творештво. Рокот за пријавување е до 23 декември, најдоцна до 15:00 часот. Средствата се обезбедени од државниот буџет и се наменети за покривање на придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување, како и данокот на личен доход.
Кандидатите треба да бидат регистрирани во Централниот регистар како трговци поединци – самостојни уметници; да бидат државјани на Република Македонија со постојано живеалиште или престојувалиште во државата; да немаат остварено право на пензија и да не бидат редовни студенти.
Уметничките дела треба да бидат јавно објавени, изведени или презентирани и да имаат видливост и афирмација на домашната или на меѓународната културна сцена, односно да бидат проекти од национален интерес.
Пријавувањето се врши исклучиво електронски, преку националниот портал за е-услуги: https://uslugi.gov.mk.
Апликантите ќе бидат известени електронски, а резултатите ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за култура и туризам: www.kultura.gov.mk.
Дополнителни информации може да се добијат на телефонскиот број 02/3240 553, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.












