Како обид за удар врз мирот и соживотот во земјава, лидерите на пет верски заедници во земјава наведени во Уставот го оквалификуваа неодамнешниот обид за опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата во Скопје. Тие, заедно со директорката на државната Комисија за односи со верски заедници и религиозни групи, Оливера Трајковска, денеска потпишаа заедничка изјава во која упатија и повик до граѓаните да покажат одговорност со цел да се сочува соживотот во земјава.
– Ние, верските лидери и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, изразуваме осуда по повод немилиот настан што се случи во раните утрински часови на 12 април, 2026 година. Обидот за опожарување на објектот на Еврејската верска заедница и Синагогата „Бет Јаков“ претставува и удар врз мирот, стабилноста и соживотот кои со векови се негуваат на македонската почва врз кои се темели нашето општество. Секое посегнување по туѓата светиња – без разлика на која верска заедница ѝ припаѓа – значи нарушување на основните вредности на почит, слобода и човечкото достоинство. Впрочем, непочитувањето на светињата на другите и непочитување на сопствената светиња – се нагласи во изјавата.
Во неа се упатува и повик до граѓаните.
– Во духот на заедништвото и меѓурелигиската соработка и заемно разбирање, упатуваме повик до сите граѓани да покажеме одговорност, разум и доблест и да останеме чувари на соживотот. Заемената почит е меѓу најголемите вредности што ги поседуваме – па да ја чуваме и да ја оставиме како аманет за идните поколенија – се нагласи во обраќањето.
Потписот на изјавата го ставија во име на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, реусил ул улема на ИВЗ Шаќир Фатеху, бискупот скопски на Католичката црква и епархот струмичко-скопски Киро Стојанов, Пепо Леви од Еврејската заедница, суперинтендант на Евангелско-методистичката црква пастор Марјан Димов и директорката Оливера Трајковска.
По потпишувањето, одговарајќи на новинарското прашање, Пепо Леви од Еврејската заедница рече дека немаат некои нови сознанија од истрагата што се води.
– Важно ни е да се фатат сторителите. Меѓутоа, мислам дека е есенцијално ние да извлечеме поука бидејќи ова е ексцес кој не се случил уште од 1943 година, кога Хитлер и неговата солдатеска ги однесоа нашите 7.144 Евреи во Треблинка и од каде што никој не се вратил. Никогаш досега не била запалена синагога. Колку што знам, такви работи не се случиле во Македонија. Искрено се надевам дека нема да дозволиме надворешните судири и влијанија да се прелеат во нашата Македонија, каде што живееме во мир, соживот и имаме разбирање и љубов помеѓу сите верски заедници од каде што добивме поддршка. Цела Европа се возбуди што една Македонија се зацврсти меѓу такви земји. Не знаеме дали се терористи или хулигани. Но, факт е дека терористичка Исламска држава (ИСИС) имаше проглас за Велигден да се палат христијански и еврејски верски објекти. Дали е тоа резултат на тој повик или нешто друго, полицијата ќе каже – нагласи Леви.
На прашањето за тоа дали можеби се работи за одреден вид реваншизам врзан за воените конфликти на Блискиот Исток, тој рече дека досега во Македонија не се подлегнувало на такви притисоци.
– Ние досега не подлегнавме на никакви притисоци, почнувајќи од 7 октомври и она што се случи во Газа. Ние, како верски заедници, се држевме цврсто и ние не дозволивме никаков ексцес досега. Ова е првпат да се случува вакво нешто, со исклучок на некои неприфатливи графити. Така што се надевам дека државата ќе преземе соодветни мерки за да се превенираат ваквите случувања – нагласи тој.
Реис ул улема на ИВЗ Шаќир Фетаху, на новинарското прашање дали постојат радикални елементи во рамките на исламскиот корпус на верници со оглед на неколку откриени терористички групи последниве месеци, рече дека ИВЗ и исламските верници немаат никаков проблем.
– Јас одговорно тврдам дека во Македонија, во рамките на ИВЗ и во рамките на сите верници од исламска вероисповед, нема никаков проблем околу верските заедници и верскиот соживот. Нашата младина има големо почитување спрема сите верски заедници и сите верници. Тоа се гледа во сите места каде што ние живееме заедно, без каков и да е проблем – нагласи Фетаху. (Б. Ѓ.)
Реисот Фетаху: Соживотот во Македонија убаво се развива
– Најодговорно тврдам дека соживотот во Македонија убаво се развива и нема никаков проблем. Сметам дека ваквите елементи не потекнуваат ниту од една религија во Македонија. А нашите институции треба да внимаваат и да ги најдат сторителите на опожарувањето – нагласи претседателот на ИВЗ, реис ул улема Шаќир Фетаху.












