– Оваа изложба, која во моментот е поставена во галеријата „Остен“, се состои од сатирични слики работени на стакло од 1985 до 1990 година – вели за весникот ВЕЧЕР Мице Јанкуловски, кој ја истражувал ретката и фасцинантна техника на сликање со масло на стакло, создавајќи препознатлив циклус дела, од кои дваесетина можеме да видиме во рамките на поставката. Од „Остен“ посочуваат дека овие дела користат „живописен визуелен речник и остра сатира за да дадат критички општествен коментар. Со своите сатирични слики, уметникот не само што ја става сатирата во служба на хуморот туку и во служба на вистината
Самостојните изложби на познатиот македонски мултимедијален уметник Мице Јанкуловски секогаш привлекуваат големо внимание во јавноста, а така е и со најновата поставка „Сатирата во името на смеата“, на која се претставени сатирични слики во техниката масло на стакло. Изложбата е отворена во галеријата „Остен“ во Скопје и ќе може да се посети до 21 април. Како што велат од „Остен“, Јанкуловски ја истражувал ретката и фасцинантна техника на сликање со масло на стакло, создавајќи препознатлив циклус сатирични дела, од кои дел можеме да видиме во рамките на изложбата.
Самиот уметник, кој уште од основно училиште се занимава со сликарство, карикатура и сатиричен цртеж, посочи дека бил инспириран од оваа техника уште во периодот на поранешна Југославија, од 80-тите години.
– Работењето паралелно на сликарството, карикатурата, анимацијата, цртањето на фолија и работата на цртаниот филм, ме провоцираше да ја истражувам и оваа техника. Пред педесетина години, бев и голем пријател и интензивно комуницирав со еден од најголемите словенечки сликари, Јоже Циуха, кој ја стекна светската слава работејќи на стакло и на плексиглас. Почнав да сликам, да ги трансформирам карикатурите во сатирични цртежи, односно сатирични слики на стакло. Оваа изложба, која во моментот е поставена во галеријата „Остен“, се состои од сатирични слики работени на стакло од 1985 до 1990 година – вели Јанкуловски за весникот ВЕЧЕР.

Тој додаде дека првата изложба на сатирични слики на стакло ја имал во Словенија, во Љубљана, некаде пред 40-ина години, а ја отворил токму Јоже Циуха.
– Тоа беше 1991 година. Правев сатирични слики на стакло, и тоа беше еден период кога интензивно работев на стакло и направив една голема серија слики, кои се дел од моето творештво како сликарство, како еден сегмент. Направив преку стотина такви дела, но на изложбата се претставени дваесетина со помал формат. Не постои посебна тема, туку преку карикатурите трансформирани во сатирични слики, со ликовните детали на стакло, е претставено сето она што ме испровоцирало во тој момент – додаде Јанкуловски.
Од „Остен“ истакнуваат дека овие дела користат „живописен визуелен речник и остра сатира за да дадат критички општествен коментар“. Со своите сатирични слики, уметникот не само што ја става сатирата во служба на хуморот туку и во служба на вистината.

– Деликатната природа на сликањето на стаклената мазна површина, во комбинација со смелата критичка содржина, ја истакнува единствената способност на Јанкуловски да ги спои техничките вештини со продорната духовитост – посочуваат од „Остен“.
Мице Јанкуловски неколку децении е активен во повеќе уметнички дисциплини (карикатура, сликање сатирични слики на стакло, анимиран филм, палиндроми) и им е постојано посветен на истражувањето и на создавањето во областа на сликарството и на цртежот. Имал повеќе од шеесет самостојни изложби во земјава и во странство и забележително претставување на значајни меѓународни изложби и манифестации, како во Фиренца, Санкт Петербург, Солун, Венеција, Торино, Ларнака, Варна… Јанкуловски е добитник на многу домашни и меѓународни награди. Во 1978 година јa објавил книгата со карикатури „Насмевка низ солзи“, во издание на „Студентски збор“, автор е и на анимираниот филм „Повлечи – потегни“ во продукција на „Вардар филм“. Тој е вклучен во антологијата „Македонска карикатура“ од Владимир Величковски (1994) и во антологијата „Визуелните уметности во Македонија – XX век“, Книга II – Мултимедијална уметност од Соња Абаџиева (2017). (Д. Т.)
Фото: Ѕ. Плавевски












