Општина Битола објави јавен повик за обезбедување услуги за рехабилитација и поддршка на лица со попреченост преку здруженија на граѓани.
Од Општината соопштија дека предмет на овој јавен повик е прибирање понуди од здруженија на граѓани (ЗГ) за обезбедување на логопедски услуги, психосоцијална поддршка, рехабилитациони услуги, едукативни семинари за родителство и грижа, како и обуки за правата на децата и лицата со попреченост.
– Активностите се насочени кон подобрување на квалитетот на животот и социјалната вклученост на лицата со попреченост и нивните семејства, како и подобрување на нивната општа социјална состојба преку услуги обезбедени од здруженија на граѓани, во партнерство со Општина Битола – велат од локалната самоуправа.
Проектите ќе бидат поддржани со средства од буџетот на Општина Битола за 2026 година согласно со Програмата за социјална заштита на Општина Битола за 2026 година.
Документацијата се доставува во архивата на Општината или по пошта во рок од 10 работни дена од денот на објавување на овој повик, заклучно со 19.06.2026 година.












