
Она за што се шпекулираше неодамна, сега е потврдено. Американскиот претседател, Доналд Трамп, формално одобри договор со Саудиска Арабија, кој му обезбедува на најважниот американски сојузник во арапскиот свет цивилна нуклеарна програма, но потенцијално отвора и можност за збогатен ураниум потребен за производство на нуклеарна бомба, потврдија анонимни претставници на администрацијата на Трамп за „Волстрит џурнал“.
Според весникот, Трамп го одобрил договорот минатата недела, а сега треба да го потпишат американскиот министер за енергетика, Крис Рајт, и неговиот саудиски колега, принцот Абдулазиз бин Салман. Договорот би траел 30 години, вреден е десетици милијарди долари и е структуриран така што им дава на американските компании централна улога во развојот на нуклеарната инфраструктура на Саудиска Арабија, а воедно ги исклучува другите конкуренти. Иако гарантира голем профит за американските компании, кој се мери со милијарди долари, проблемот е што, несомнено, ќе предизвика загриженост за ширењето на нуклеарното оружје на Блискиот Исток. Спогодбата предвидува изградба на објект за збогатување ураниум во Саудиска Арабија.
Ова се случува среде војната против Иран што ја почнаа САД и Израел, главно, поради потребата да се уништат наводните обиди на Иран да развие нуклеарно оружје. Иранскиот режим долго време тврди дека неговата програма за збогатување ураниум е мирна, но во исто време се заканува дека е способна да збогати ураниум до нивото потребно за изградба на нуклеарна бомба. Експертите за неширење нуклеарно оружје предупредуваат дека сите центрифуги за збогатување ураниум би можеле да ја отворат вратата за Саудиска Арабија да развие програма за атомска бомба, а во тој случај Иран сигурно би го забрзал развојот на својот нуклеарен арсенал.
Не изненадува што објавувањето на нуклеарниот договор меѓу САД и Саудиска Арабија предизвика нескриен интерес во Тел Авив и во Ерусалим. Иако владата на Бенјамин Нетанјаху првично се воздржа затоа што не сака нова кавга со Трамп, барем додека Американците го бомбардираат Иран, медиумите се полни со предупредувања.
– Нуклеарниот договор меѓу САД и Саудиска Арабија не споменува нормализација на односите на Саудиска Арабија со Израел, ниту го спречува Ријад да произведува нуклеарно оружје – пишува „Џерусалем пост“.
Поранешниот израелскиот министер за одбрана и министер за надворешни работи, Авигдор Либерман, рече дека Израел мора да се бори против можноста Саудиска Арабија да добие дури и цивилна нуклеарна програма, бидејќи тоа ќе отвори трка во нуклеарното вооружување на Блискиот Исток.
– Договорот за дозволување збогатување на саудиска почва ја преминува црвената линија и го става целиот Блиски Исток во луда трка за нуклеарно вооружување – тврди Либерман, повикувајќи ги владата на Нетанјаху и произраелските групи силно да лобираат против договорот и да го убеди Конгресот да гласа против него „дури и ако тоа значи раскинување со американскиот претседател, Доналд Трамп“.
Поранешниот израелски премиер, Ехуд Барак, тврди дека договорот што не вклучува договор за нормализирање на односите на Саудиска Арабија со Израел „значи губење на довербата меѓу Нетанјаху и Трамп. Со други зборови, Трамп дејствува без да го земе предвид ставот на Нетанјаху“. Сепак, за разлика од израелските десничари, Барак сè уште верува дека збогатувањето ураниум од Саудиска Арабија може да биде прифатливо, но со два услова: да биде дел од договорот за нормализација меѓу Саудиска Арабија и Израел и со строг американски надзор.











