Општина Валандово почна со изработка на план и студија за сообраќајно решение за градот.
Општинските власти информираат дека сообраќајното решение го изработуваат стручни лица од оваа област и има за цел да воспостави подобра организација на сообраќајот, на паркирањето и на движењето на сите учесници во сообраќајот.
Оттаму додаваат дека дел од сообраќајните решенија веќе се применуваат и на терен. На дел од улицата „Маршал Тито“,од левата страна се поставени столпчиња по должина на тротоарите, со што треба да се оневозможи досегашното паркирање на пешачкиот дел од улицата.
– Од десната страна на овој дел од улицата, освен тротоарскиот дел, обезбеден е и паркинг-простор наменет исклучиво за станарите на станбените згради, додека на јужната страна од станбениот простор обезбедени нови 28 паркинг-места – велат од Општина Валандово.
Надлежните наведуваат дека во рамките на новото сообраќајно решение се разгледуваат и други можности, меѓу кои нови и поорганизирани паркинг-простори, воведување еднонасочен сообраќај на одредени улици, како и подобрување на условите за движење на возилата, пешаците и останатите учесници во сообраќајот.












