петок, октомври 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НОВО РОЧИШТЕ ЗА ПРЕДМЕТОТ „ПУЛС“: Тензии во судницата во Идризово, дел од...

НОВО РОЧИШТЕ ЗА ПРЕДМЕТОТ „ПУЛС“: Тензии во судницата во Идризово, дел од родителите излегоа, на Јованов му се слоши

30

Дел од родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, денеска ја напуштија судницата во Идризово по реакциите што се појавија за време на сослушувањето на техничкиот советник, Петре Русески. Револтот следувал за време на прашањата што ги поставувала адвокатката Ивана Коцевска, која го застапува првообвинетиот Дејан Јованов-Деко, како и по одговорите на техничкиот советник во врска со намената на објектот во кој работела дискотеката.

Според изнесеното на рочиштето, објектот бил предвиден како деловно-производствен, на што реагирале дел од родителите на загинатите. Реакции имало и откако адвокатката ги нарекла присутните родители јавност, по што тие посочиле дека во постапката се оштетени. На барање на судијката, дел од родителите ја напуштиле судницата за да се смират. По кратката пауза и со дозвола на судот, тие повторно се вратиле на судењето. Во меѓувреме, од судницата излегол и обвинетиот Дејан Јованов-Деко, кој се пожалил на вртоглавица и дека не се чувствува добро. Тој со придружба на затворски полицаец излегол надвор, по што судот дал уште една пауза.

На рочиштето продолжува сослушувањето на техничкиот советник Петре Русески, ангажиран од одбраната. Тој одговара на прашања поврзани со објектот во кој функционирала дискотеката „Пулс“, а неговиот ангажман е поврзан со оспорување на делови од вештачењето на Градежниот факултет. Судот треба да одлучи и дали ќе биде потребна лекарска интервенција за Јованов и дали рочиштето ќе продолжи.

Притворот на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко истекува на 3 октомври, а неговата одбрана претходно најави дека ќе понуди гаранција во имот во вредност од речиси 200 илјади евра. Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

 

ИЗДВОЕНИ