недела, јули 5, 2026
Дома БАЛКАН Новиот индекс ги откри најмоќните пасоши во светот: Шведска е број еден,...

Новиот индекс ги откри најмоќните пасоши во светот: Шведска е број еден, македонскиот останува зад соседите

1

Глобалниот индекс на пасоши за 2026 година донесе промени во рангирањето на највредните патни исправи во светот. За разлика од традиционалните листи кои се засноваат исклучиво на бројот на држави во кои може да се патува без виза, ова рангирање ги зема предвид и квалитетот на живот, економската стабилност и инвестициската привлечност на земјата што го издава пасошот.

Индексот се темели на три клучни категории – слобода на движење, квалитет на живот и можности за инвестиции – со цел да обезбеди поширока слика за придобивките што ги нуди еден пасош на своите носители.

Според најновите резултати, Шведска го има најмоќниот пасош во светот, благодарение на високите оценки во сите категории. На второто место е Швајцарија, а третата позиција ја зазема Финска, земји кои се издвојуваат по висок животен стандард, економска стабилност и широк пристап до меѓународни дестинации.

Во првите десет позиции доминираат европските држави. Меѓу најдобро рангираните се и Германија, Холандија, Данска, Ирска, Обединетото Кралство и Норвешка, додека Сингапур е единствената неевропска земја во топ 10, благодарение на исклучителната слобода на патување и силната инвестициска клима.

Десетте најмоќни пасоши во 2026 година се:

Шведска
Швајцарија
Финска
Германија
Холандија
Данска
Ирска
Обединето Кралство
Норвешка
Сингапур

Едно од најголемите изненадувања во годинашниот индекс е падот на Соединетите Американски Држави. Американскиот пасош, кој во минатото беше меѓу највредните во светот, сега се наоѓа на 12. место, што аналитичарите го оценуваат како еден од најзначајните падови меѓу развиените земји во последните години.

Кога станува збор за државите од поранешна Југославија, словенечкиот пасош е најдобро рангиран и се наоѓа на 37. место, пред хрватскиот, кој е на 42. позиција. Србија е рангирана на 66. место, додека пасошите на Македонија на 78. место, Црна Гора на 71. место и Босна и Херцеговина, се пласирани пониско на листата, што покажува дека регионот сè уште заостанува зад поголемиот дел од Европската Унија.

Најновиот Глобален индекс на пасоши потврдува дека вредноста на една патна исправа денес не зависи само од тоа во колку земји може да се патува без виза. Сè поголема тежина имаат и квалитетот на живот, економските перспективи, стабилноста на институциите и можностите за инвестирање, фактори што сè повеќе влијаат врз глобалната вредност на еден пасош.

ИЗДВОЕНИ