Додека поголемиот дел од Европа се соочува со екстремно високи температури, метеоролозите веќе ги објавуваат првите долгорочни прогнози за претстојната зима. Според најновата анализа на Severe Weather Europe, комбинацијата од ширењето на студената зона во Северниот Атлантик и развојот на силен Супер Ел Нињо во Тихиот Океан би можела значително да влијае врз временските услови во Северна Америка и Европа.
Податоците покажуваат дека во Северниот Атлантик повторно се формира и шири таканаречената „студена зона“, која според прогнозите би можела да се задржи најмалку до 2027 година. Температурите на морската површина, особено во регионот на Голфската струја, се неколку степени пониски во споредба со истиот период лани.
Во исто време, во тропскиот дел на Тихиот Океан се развива силен Супер Ел Нињо, што создава изразен контраст меѓу двата климатски феномени. Анализите укажуваат дека студената аномалија во Атлантикот не е краткотраен настан, туку долгорочна појава која би можела да има значително влијание врз атмосферските процеси.
За Северна Америка, прогнозите укажуваат на можност за висок воздушен притисок над Канада и низок притисок над централниот и јужниот дел на САД. Се очекува Ел Нињо да донесе потопли услови во северните делови на САД и Канада, додека во централниот, јужниот и источниот дел на САД постои поголема веројатност за навлегување на постуден воздух.
За Европа, првичните сезонски модели укажуваат на преовладување на висок воздушен притисок и натпросечни температури, особено како што ќе напредува зимата. Тоа би значело дека поголем дел од континентот би можел да има поблага и потопла зима од вообичаената.
Сепак, од Severe Weather Europe нагласуваат дека станува збор за многу рани сезонски прогнози, кои ќе се прецизираат во наредните месеци со пристигнување на нови метеоролошки податоци.












