Холандскиот Национален институт за јавно здравје и животна средина (RIVM) денеска соопшти дека од минатиот четврток во таа земја се забележани девет нови пациенти заразени со вирусот Западен Нил, а од почетокот на годината починале три лица. Кај еден од пациентите вирусот Западен Нил бил откриен за време на научно истражување во банка за крв, додека кај останатите бил дијагностициран откако биле примени во болница со симптоми.
Вирусот Западен Нил е присутен кај птиците, а комарите го пренесуваат на други животни и луѓе.
Болеста не се пренесува од човек на човек.
Според податоците на институтот, околу 80 проценти од луѓето кои ќе се заразат немаат никакви симптоми, додека еден од пет пациенти добива симптоми слични на грип.
Постарите лица и луѓето со послаб имунитет се изложени на ризик посериозно да се разболат.
Холандската управа за безбедност на храна и производи од последниот извештај примила 53 пријави за коњи заразени со вирусот Западен Нил.












