понеделник, јуни 15, 2026
Дома СКОПСКА Нови можности за деловно поврзување и размена на искуства

Нови можности за деловно поврзување и размена на искуства

25

Со голем успех се реализираше регионалниот саем за економски развој „Експо Илинден 2026“ во Општина Илинден. Вчера беше заокружено тридневното издание, оставајќи силен впечаток како еден од најзначајните економски настани во регионот. Спортската сала „Гоце Делчев“ беше центар на интензивни деловни активности, каде што над 70 компании од различни стопански сектори: индустријата, градежништвото, земјоделството, туризмот, угостителството и новите технологии ги претставија своите производи, услуги и иновативни решенија. Големиот интерес и масовната посетеност уште еднаш ја потврдуваат важноста на саемот како значајно место за економско поврзување и развој.

Саемот привлече голем број граѓани, а беше посетен и од градоначалникот на Општина Илинден – Александар Георгиевски, заменик-министерот за економија и труд – Маријан Ристески, пратеничката Драгана Бојковска, директорите на јавните установи во Општината, советниците, учениците, како и бројни претставници од бизнис-заедницата, што придонесе за динамична и продуктивна атмосфера.

– „Експо Илинден“ прераснува во препознатлив настан што ги обединува институциите, бизнис-секторот и граѓаните. Овој настан е потврда дека нашите заложби за создавање поволна деловна средина даваат конкретни резултати и дека Илинден сè повеќе се позиционира како економски центар – истакна градоначалникот Георгиевски.

Од локалната самоуправа потенцираат дека со одржувањето на „Експо Илинден“, Општина Илинден дополнително го потврдува својот капацитет да биде двигател на локалниот и на регионалниот економски развој.

– Преку ваквите иницијативи се создаваат нови можности за деловно поврзување, размена на искуства и за поттикнување инвестиции, со што Oпштината гради современа, конкурентна и одржлива деловна средина во интерес на граѓаните и на стопанството – потенцираат општинските власти.

 

ИЗДВОЕНИ