Кибер-криминалците, кои претходно оваа недела објавија дека го хакирале американското Федерално биро за истраги (ФБИ), тврдат дека дошле до исклучително чувствителни медицински досиеја на илјадници негови специјални агенти, вклучувајќи резултати од анализи на крв и урина, пренесува „Би-би-си“ (BBC).
Британскиот јавен сервис имал увид во примероци од украдените медицински извештаи за „способност за работа“, кои содржат информации како што се резултати од анализи на крв и урина, како и медицински забелешки во кои се спомнуваат состојби како „алергии на морски плодови и банани“.
Документите ги вклучуваат целосните имиња и адреси на агентите, како и здравствени податоци, вклучувајќи наоди како „крв во урината“ и „висок холестерол“.
Експертите велат дека хакерскиот напад, кој ФБИ го истражува, би можел да ги изложи агентите на измами, уцени и таргетирани напади, како и да им овозможи на криминалците да се претставуваат како припадници на органите на редот.
„Овој список ги поврзува илјадниците агенти со нивните медицински досиеја и извештаи за здравствена способност“, изјави Етај Маор, потпретседател за анализа на безбедносни закани во компанијата „Cato Networks“.
Тој додаде дека лозинките можат да се променат доколку бидат украдени, но медицинските досиеја не можат, и штом еднаш ќе бидат изложени, тие се трајно компромитирани.
„Токму таа трајност, која го опфаќа целиот кадар, е она што го прави ова протекување на податоци толку сериозно“, рече Маор.
ФБИ не одговори на барањата за коментар, но во средата го потврди инцидентот и соопшти дека активно истражува како дошло до него.
Во соопштение, хакерската група „Шајни хантерс“ (Shiny Hunters) наведе дека го нападнала ФБИ како одмазда за јавното предупредување што Бирото го издало пролетта, а во кое биле истакнати тактиките на групата.
Групата побара од ФБИ во рок од една недела да го „корегира или едноставно да го отстрани“ предупредувањето – во кое се наведува дека хакерската група е позната по вознемирување на жртвите и нивните семејства преку закани или принуда – или во спротивно да се соочи со понатамошни последици. Портпаролката на ФБИ го потврди пробивот, наведувајќи дека ФБИ е запознаен со наводите и дека спроведува истрага.












