За време на состанокот на Штабот на Врховниот командант, донесени се дополнителни одлуки во врска со заштитата на центрите за податоци и други клучни комуникациски објекти, соопшти денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Поради руските напади врз телекомуникациската инфраструктура во Украина, можни се прекини во комуникациите и интернет-услугите, објави агенцијата „Укринформ“.
Зеленски на својот канал на „Телеграм“ објави дека одржал состанок на Штабот на Врховниот командант, на кој биле усвоени дополнителни одлуки за заштита и обезбедување непречено функционирање на украинската инфраструктура на центрите за податоци и други објекти клучни за секторот за комуникации.
„Целосната имплементација на овие мерки на сите нивоа е од суштинско значење; ова е лична одговорност на владините претставници и раководителите на безбедносните служби“, нагласи тој.
Како што истакна Зеленски, други клучни теми на состанокот, меѓу другото, биле резултатите од тестирањата на пресретнувачи дизајнирани за борба против руските дронови „Шахед“ со млазен погон.
„Беа презентирани извештаи за стапката на соборување и искуствата на тимовите што ги вршат пресретнувањата. Идентификувавме клучни капацитети способни да ја зајакнат нашата одбрана. Го забрзуваме производството, а донесени се и нови одлуки во врска со започнувањето на производство на различни видови млазни мотори во Украина“, изјави тој.
Според Зеленски, на состанокот бил претставен детален извештај од Главната управа за разузнавање при Министерството за одбрана на Украина во врска со технолошките планови на Русија за 2027 година – конкретно за ресурсите на кои се потпира Русија, производствените капацитети и синџирите на снабдување со компоненти што се користат за испорака на материјали.












