Во Соединетата американска држава Алабама во понеделник треба да започне судењето против „Тикток“, која се соочува со обвинувања дека ги довела родителите во заблуда во врска со алатките наменети за заштита на децата од штетни содржини; ова ќе биде првиот случај против оваа платформа што ќе се најде пред порота во САД.
Се очекува судењето пред државниот суд во Монтгомери да трае две до три недели и се одвива во време кога компаниите што управуваат со социјалните мрежи се соочуваат со бран тужби низ САД поради штетата што наводно ја предизвикуваат нивните платформи кај младите корисници.
Во април 2025 година, Алабама поднесе тужба против „Тикток“ и неговата кинеска матична компанија, ByteDance, тврдејќи дека апликацијата е дизајнирана да предизвикува зависност кај младите корисници, „како софистицирана машина за коцкање“.
Подоцна, државата го стесни опсегот на тужбата, фокусирајќи се на наводите според Законот за измамнички трговски практики на Алабама и испитувајќи дали „Тикток“ дала лажни информации за ефективноста на функциите како што се „Режим на ограничување“ (Restricted Mode) и „Режим за деца“ (Kids Mode).
Во тужбата се наведува дека истражителите креирале профили на „Тикток“ претставувајќи се како корисници на возраст од 13, 14 и 15 години од Алабама и го вклучиле „Режимот на ограничување“. И покрај уверувањата од „Тикток“ дека корисниците во овој режим нема да гледаат содржини наменети за возрасни, на профилите набрзо почнале да пристигнуваат видеа што прикажуваат самоубиство, самоповредување, нарушувања во исхраната, консумирање алкохол и сексуални содржини, се вели во тужбата.
Алабама исто така ја обвинува „Тикток дека ја претставил платформата во продавниците за апликации како соодветна за деца постари од 12 години и дека тврдел оти таа содржи само благи или ретки содржини наменети за возрасни.
„Тикток“ се обиде да го отфрли случајот, тврдејќи дека Дел 230 од федералниот закон го штити од одговорност за содржините креирани од корисниците. Компанијата изјави дека безбедноста на тинејџерите е приоритет при дизајнирањето на платформата.
Државата Алабама бара судска наредба за забрана на одредени практики на „Тикток“, како и граѓански казни и отштета.
Судењето би можело да доведе до детална јавна проверка на начинот на кој „Тикток“ внатрешно управува со прашањата за безбедност, вклучително и обелоденување на внатрешни документи на компанијата и сведочења на нејзините раководители.












