четврток, октомври 1, 2026
Дома СВЕТ Нова улога за Илон Маск во администрацијата на Трамп: Заедно со Пентагон...

Нова улога за Илон Маск во администрацијата на Трамп: Заедно со Пентагон ќе го обликува оружјето на иднината!

7
EPA/ALI HAIDER

Американскиот милијардер Илон Маск ќе преземе нова улога во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, овојпат како еден од предводниците на проектот „Меридијан“ на Пентагон, чија цел е да се утврдат оружјето и технологиите што ќе ѝ бидат потребни на американската војска за идните војни, соопшти американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет.

Хегсет изјави дека Маск, заедно со милијардерот од секторот за одбранбена технологија Палмер Лаки и поранешниот претседател на Претставничкиот дом на Конгресот Њут Гингрич, ќе го предводат проектот кој треба да ги анализира идните домени на војување и капацитетите што ќе ѝ бидат потребни на американската војска.

Според „Фокс њуз“, со проектот ќе раководи Емил Мајкл, главен технолошки директор на Министерството за одбрана.

„Најдобрите аналитичари на идните конфликти не се наоѓаат само во Пентагон. Постојат очигледни пристрасности и ризици кога од себе бараме истовремено да поставуваме прашања и да даваме одговори на нив“, рече Хегсет за време на своето годишно обраќање за „Состојбата на силите“ во базата на Корпусот на маринците во Квантико.

Тој изјави дека проектот започнува веднаш и дека ќе се сретне со Маск, Лаки и Гингрич на безбедна локација во близина на местото каде што го одржал говорот.

Проектот „Меридијан“ ќе има рок од 120 дена „бескомпромисно да ја мапира еволуцијата на војувањето, домените и технологиите“, по што ќе бидат претставени јавни резултати и доверлив додаток кон извештајот.

Хегсет го опиша мандатот на проектот како исклучително широк, „од подземјето на Земјата до вселената зад Месечината“.
Наместо изработка на нови воени стратегии или политики, групата ќе се стреми да ги идентификува „областите што мораме да ги освоиме и капацитетите што мораме да ги совладаме“, како и да се фокусира на „откривањето, развојот и воведувањето“ на оружје и системи што би можеле да им бидат потребни на идните генерации американски војници.

Маск и Лаки во проектот влегуваат со искуство во развојот на технологии за американската војска.

Компанијата на Маск, „Спејс-икс“ (SpaceX), е еден од најголемите изведувачи за Пентагон, додека Лаки е основач на компанијата „Андурил индустрис“ (Anduril Industries), која развива автономно оружје и други напредни воени системи.

ИЗДВОЕНИ