Владата донесе нова Стратегија за борба против измами и заштита на финансиските интереси на Европската Унија во земјава, со која треба уште посилно да се контролира трошењето на европските средства и да се спречат злоупотреби.

Со новиот план за периодот од 2026 до 2030 година, надлежните институции ќе работат на подобрување на правилата, зајакнување на контролите и побрзо откривање на сите сомнителни случаи кога станува збор за користењето на парите од европските фондови.

Од Министерството за финансии велат дека стратегијата има цел да донесе поголема ред и одговорност во користењето на јавните пари – и домашните средства и средствата што пристигнуваат од Европската Унија.

Документот е изработен со учество на повеќе институции, преку Одделението за координација на борбата против измами со ЕУ средствата (АФКОС) при Министерството за финансии, во соработка со државните органи кои се дел од мрежата за заштита на финансиските интереси на ЕУ, како и со Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).

Главната цел е да се стави поголем штит околу европските пари – да се спречат измами уште на почеток, но и навреме да се реагира кога ќе се појави сомнеж за неправилности.

Стратегијата предвидува подобри механизми за спречување на злоупотреби, поефикасно откривање на неправилности, побрзи истраги и построги мерки за оние што ќе се обидат незаконски да дојдат до средства од европските фондови.

Мотото на стратегијата е „нулта толеранција за измама“, што значи дека секој сомнителен случај треба да биде проверен и соодветно санкциониран.

Првата Национална стратегија за борба против измами беше донесена во 2019 година, со цел да се подобри системот за спречување, откривање и казнување на неправилностите при спроведувањето на европските програми. Со новата стратегија државата продолжува со напорите за поголема заштита на средствата од ЕУ и поголема доверба во нивното користење.

ИЗДВОЕНИ