По повеќе од седум години судска постапка, предметот „Талир 2“ доби нов епилог. Основниот кривичен суд Скопје го ослободи од обвинение поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за случајот поврзан со изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Белата палата“. Груевски беше обвинет за пречекорување на службените овластувања и за незаконско финансирање на изградбата на седиштето на партијата. Судот оцени дека Обвинителството не успеало да докаже надвор од разумно сомневање дека поранешниот премиер го сторил кривичното дело за кое се гонеше по измената на обвинението
Судијката Даниела Алексовска-Стојановска при објавувањето на пресудата посочи дека причината за ослободителната одлука лежи во измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои имале директно влијание врз овој предмет.
„Иако беа направени измени на обвинението, немаше промени во доказите и фактите изнесени пред Судот. Судот цени дека Обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Никола Груевски сторил пречекорување на службената должност“, изјави Алексовска-Стојановска. Таа нагласи дека Судот го прифатил ставот на Апелациониот суд Скопје дека измените на Кривичниот законик се во директна корист на обвинетиот.
„Во оваа ситуација, Судот ќе посочи дека со секоја пресуда се испраќа одредена порака до поблиската и пошироката јавност. Во конкретниот случај, пораката е следна: ваквата ослободителна пресуда е исклучиво резултат на донесување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во 2023 година, како директна последица на која беше и укинувањето на првостепената пресуда во овој предмет, како што тоа го констатираше Апелациониот суд Скопје во второстепената одлука“, рече судијката и објасни дека и покрај различниот исход во однос на првичната пресуда, оценката на доказите и утврдените факти останале исти.
„И покрај тоа што оваа пресуда е сосема различна од претходно донесената во конкретниот предмет, анализата и оценката на доказите, утврдените факти и заклучоците изведени од страна на Судот, останаа непроменети. При постоење на истите докази, врз основа на кои Судот претходно утврди дека е сторено предметното кривично дело со искористување на службената положба и овластување, Судот цени дека при постоење на истите тие докази не се докажа надвор од разумно сомневање дека делото е сторено со друг вид дејства, односно со пречекорување на овластувањата и со неизвршување на службената должност“, наведе судијката.
Со оваа одлука, ВМРО-ДПМНЕ го избегна најтешкиот исход од постапката – конфискација на партиското седиште познато како „Белата палата“. Судот го одби предлогот на Обвинителството за конфискација, а трошоците на постапката чија истрага беше отворена од поранешното специјално Јавно обвинителство треба да ги плати државата, односно граѓаните. Седиштето на партијата, кое повеќе години беше под мерки поврзани со судската постапка, практично повторно станува достапно за располагање откако пресудата ќе стане правосилна. Одлуката на Кривичниот суд е неправосилна, а странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд.
Предметот „Талир 2“ почна во 2019 година. Во првичната постапка, Кривичниот суд во јуни 2022 година го прогласи Груевски за виновен и му изрече казна затвор од шест години, додека поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, доби условна осуда. Тогаш беше донесена и одлука за конфискација на дел од имотот поврзан со случајот. Но, Апелациониот суд во 2024 година ја укина пресудата поради измените на Кривичниот законик кои беа донесени во времето кога на власт беше владината коалиција СДСМ-ДУИ и предметот го врати на повторно судење. Во меѓувреме, на Божиновски му застари делото, па во постапката останаа Груевски и ВМРО-ДПМНЕ како правно лице.
Обвинението тврдеше дека изградбата на партиското седиште била поврзана со противправно финансирање преку фирмата „Бетон“ и дека било сторено кривично дело преку злоупотреба на службената положба. По измените на Кривичниот законик, обвинението беше изменето, а Судот оцени дека новата правна квалификација не е докажана. Иако останува можноста за жалба, сепак предметот застарува следниот месец и со тоа го ограничуваат понатамошниот тек.
Судењето се одложуваше безброј пати поради недоаѓање на сведоците, за на финишот од постапката, јавната обвинителка Ленче Ристовска беше тргната од предметот, по што таа си замина Јавното обвинителство.
Според информациите што неодамна ги објави Основниот кривичен суд, против Груевски има правосилна казна од 9 години затвор за случајот „Плацеви на Водно“, а извршувањето на казната застарува во 2043 година. Правосилна казна од 1 година и 6 месеци затвор за судењето познато како „Насилства во Центар“, чие извршување застарува во септември следната година. За случајот со луксузниот мерцедес познат во јавноста како „Тенк“, казната од 2 години затвор веќе не може да се изврши бидејќи настапила апсолутна застареност на извршувањето во 2024 година. Активен е предметот „Титаник“ за изборни нерегуларности, кој сè уште е во судска постапка за дел од обвинетите, меѓу кои и поранешниот премиер на кој му се суди во отсуство по бегството во Унгарија. (П. А.)












