
Привремениот договор за прекин на огнот меѓу САД и Иран, експлицитно му забранува на Техеран да наметнува какви било такси за комерцијалните бродови што поминуваат низ протокот, а сега Вашингтон сака да наплаќа како гаранција за безбеден премин. Поморските експерти, регулаторите, па дури и високите претставници на администрацијата на Трамп сметаат дека според меѓународното право, најавената такса е нелегална и ако се наплаќа дополнително, ќе го намали и онака редуцираниот сообраќај низ протокот
Со актуелната цена на нафтата од околу 80 долари за барел, надоместокот за супертанкер што превезува приближно два милиони барели сурова нафта би изнесувал околу 30 милиони долари, пишува „Блумберг Адрија“, по најавата на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека САД ќе му наплаќаат такса на секој комерцијален брод што ќе помине низ Хормускиот Проток.
Трамп во понеделникот соопшти дека повторно се воспоставува американска блокада на иранските бродови што транзитираат низ Хормускиот Проток и дека САД ќе бидат „чувар“ на овој стратешки воден премин. Таксата од 20 проценти од вредноста на товарот, како што напиша на својата социјална мрежа „Трут сошл“, почнува да се наплаќа веднаш, но не даде детали. Според него, „во интерес на правичноста“, САД треба да бидат обесштетени за создавање услови за безбеден премин на бродовите. Поморските експерти, регулаторите, па дури и високите претставници на администрацијата на американскиот претседател сметаат дека според меѓународното право, најавената такса е нелегална.
Привремениот договор за прекин на огнот што го потпишаа САД и Иран на средината од јуни експлицитно му забранува на Техеран да наметнува какви било такси за комерцијалните бродови што минуваат низ протокот. Администрацијата на Трамп претходно се закани дека „агресивно“ ќе воведе санкции против Оман ако се види дека му помага на Иран да воспостави систем за наплата на патарините. Но, се чини дека не функционира тој договор откако противниците со денови разменуваат непријателства. Во такви услови, Трамп повеќе не повикува на враќање на договорот, при што Хормускиот Проток би останал меѓународен воден пат без патарина, пишува Си-ен-би-си. Реагираше и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, кој во објава на социјалните мрежи со потсмешлив тон рече дека американскиот претседател е „апсолутно во право“, дека секој што обезбедува безбеден премин на комерцијалните бродови низ Хормуз треба да добие компензација за таа услуга.
– Иран отсекогаш бил чувар на протокот и ќе остане таков засекогаш. Дваесет проценти е, секако, премногу. Ќе бидеме фер – рече тој.
Раководителите на бродските компании во вторникот се изјаснија дека таксата од 20 проценти би можела да се врати како бумеранг и дополнително да го намали и онака намалениот сообраќај на виталниот воден пат.
– Таксите за Суецкиот канал или за Панамскиот канал се различни, бидејќи таму има големи инвестиции во инфраструктурата, а тоа не е случај со Хормускиот Проток – се вели во соопштението на бродскиот гигант „Хапаг-Лојд“.
Сообраќајот на бродови низ Хормускиот Проток нагло се намали во неделата. Само 14 брода поминаа низ него, од кои четири танкери за сурова нафта, во споредба со 37. брода една недела претходно. Се смета дека со воведување на таксите на Трамп, дополнително би се намалил сообраќајот.
Се огласи и Поморската агенција на Обединетите нации, која соопшти дека се спротивставува на таа идеја, но дека нема да дејствува веднаш.
– Свесни сме за најавата и чекаме повеќе информации. Нашиот став за таксите отсекогаш бил конзистентен – ИМО е дециден против наплатата на такси за премин низ протоците што се користат за меѓународна навигација. Нема законска основа за воведување задолжителни патарини само за минување низ протокот – рече портпаролот на Меѓународната поморска организација на ОН.











